Со реновираниот централен двор (пацио), битолскиот Завод и музеј доби уште еден изложбен простор – лапидариумот каде се изложени дел од камените споменици кои досега биле во депото во институцијата. Најголем дел од мермерните споменици меѓу кои има и надгробни стели се од 1 до 3 век. Реновираниот дел од музејот го промовираа министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и евроамбасадорот Дејвид Гир.
Музејот е удомен во архитектонскиот објект познат како „Стара касарна“, а беше реновиран со грант од ИПА-програмата во рамките на проектот „Смарт фор ју ту“ (SMART4YOU2). Целта на проектот е промоција и афирмација на богатото културно наследство и почитување на културните вредности во регионот, како дел од прекугранична соработка меѓу Македонија и Албанија, односно општините Битола, Корча и Пустец.
Костадиновска-Стојчевска се заблагодари на Гир за неговите залагања во полн сјај да се разубави автентичниот изглед на овој извонредно значаен културен архитектонски објект.