Цената на биткоинот денеска падна за околу 5% и накратко се спушти под 65.000 американски долари, по најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за планови за воведување глобални царини од 15%.
Падот на биткоинот се случи во услови на раст на дел од азиските акции, што, според CNBC, укажува на отстапување на криптовалутите од движењата на регионалните берзи во време на обновена неизвесност поврзана со царините.
Во дел од анализите се наведува дека биткоинот е во надолен тренд од октомври минатата година, кога неговата вредност надминала 125.000 долари. Според истиот извор, од почетокот на годинава биткоинот изгубил 26% од вредноста, а од октомврискиот врв паднал за повеќе од 47%.
Џеф Меи, оперативен директор на блокчејн-компанијата BTSE, за CNBC изјавил дека наглото зголемување на царинските стапки ги поттикнува инвеститорите да продаваат криптоимот поради очекувања за поширок пад на пазарите. Во истиот контекст, тој посочил и загриженост на инвеститорите поради зголеменото американско воено присуство околу Иран и ризик за глобалните трговски текови.
Од 10x Research, Маркус Тилен оценил дека најновиот пад е помалку резултат на една вест, а повеќе одраз на слаба ликвидност и ниска доверба на пазарот. Тој го поврзал движењето со фаза на „мечји пазар“ со мали обеми на тргување и неизвесност поврзана со американските меѓуизбори, и изнел очекување за можен пад кон 50.000 долари пред да се формира постабилно дно.
Во пошироката пазарна слика, AP наведува дека биткоинот паднал под 65.000 долари во услови на зголемена неизвесност околу царинската политика и повлекување на инвеститори од поризични вложувања.
Дел од аналитичарите го поврзуваат тековното повлекување и со пошироки циклуси на криптопазарот: инвестицискиот директор на Bitwise, Мет Хоуган, го опишал падот како дел од „четиригодишен циклус“ и навел дека не станува збор за единствен катализатор.