Цената на биткоин повторно порасна и ја надмина границата од 73.000 долари, откако во последните денови забележа значителен раст. Во споредба со златото, кое традиционално се смета за сигурно засолниште во време на кризи, биткоинот во овој период оствари подобри резултати.
Во изминатите денови вредноста на биткоинот порасна за околу 10 проценти, додека цената на златото во истиот период падна за околу два проценти. Овој тренд укажува дека дел од капиталот повторно се насочува кон криптовалутите.
„Можно е капиталот повторно да се враќа во криптовалутите додека златото паѓа во втор план“, изјави Френк Чапаро, раководител на содржина и специјални проекти во компанијата GSR.
Во претходниот период златото бележеше значителен раст, додека вредноста на биткоинот беше намалена, што доведе до перцепција дека криптовалутата ја губи својата позиција во однос на другите видови имот. Сепак, аналитичарите велат дека расположението на пазарот може брзо да се промени, особено во услови на геополитички тензии, санкции, војни и зголемено печатење пари.
Пазарот и понатаму нестабилен
И покрај растот, експертите предупредуваат дека пазарот на криптовалути останува исклучително нестабилен. Тековните геополитички тензии и воените конфликти можат значително да влијаат врз финансиските пазари.
Аналитичарот на FxPro, Алекс Купцикевич, предупредува дека е прерано да се заклучи дека пазарот го достигнал дното.
„Ситуацијата и понатаму е премногу кревка за да се каже дека е постигнато стабилизирање. Биткоинот останува ранлив поради зголемената нестабилност на берзанските индекси, што ги тера институционалните инвеститори да ја намалат финансиската изложеност“, изјави тој.
Во меѓувреме, глобалните конфликти и геополитичките ризици продолжуваат да создаваат неизвесност на пазарите, што може да доведе до нови нагли промени во вредноста на дигиталните средства.