Поплавите настанаа откако силни дождови предизвикаа реката Гвадалупе да излее од своите брегови во раните утрински часови во петокот. Најмногу жртви се пријавени во округот Кер – 43 лица, меѓу кои најмалку 15 деца. Пет деца и 12 возрасни сè уште чекаат идентификација, соопшти шерифот на округот, Лари Леита.
Во други окрузи исто така е потврдена смрт на неколку лица: по едно во Кендал и Сан Анџело, четири во Тревис, и две во Барнет. Посебна загриженост предизвикува исчезнувањето на 27 девојчиња од Камп Мистик – христијански летен камп во близина на реката.
Гувернерот на Тексас, Грег Абот, изјави дека спасувачките екипи работат деноноќно и досега спасиле стотици граѓани. Но, локалните власти се соочуваат со критики за наводна неподготвеност и доцнење во евакуацијата, особено за летните кампови кои се наоѓаат покрај реката.
Компанијата „АкјуВедер“ и Националната метеоролошка служба навремено испратиле предупредувања за можни ненадејни поплави, со апел граѓаните да се евакуираат и да се засолнат на повисоки терени. Подоцна беше издадено и ретко предупредување за вонредна состојба поради ненадејни поплави, што укажува на сериозна опасност.
Сепак, локалните власти велат дека не очекувале толку големи врнежи – само за неколку часа наврнале количини дожд што обично паѓаат во текот на месеци. Една од реките близу Камп Мистик пораснала за 7,6 метри за само два часа, а мерачот за водостој откажал на 7,5 метри.
„Ниту еден модел не предвиде вакво ниво на дожд“, рече Ним Кид од Одделот за управување со вонредни состојби на Тексас. Но, за многумина, ова објаснување не е доволно, особено за семејствата што ги бараат своите најмили.