Властите во Костарика и Панама се соочуваат со нов мигрантски бран, откако двете земји примија стотици мигранти депортирани од САД во момент кога администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да го забрза процесот.
Недостигот на транспарентност резултираше со критики од набљудувачите на човековите права, а официјални лица велат дека нивните активности се насочени кон заштита на мигрантите и против трговците со луѓе.
Карлос Руиз-Ернандез, заменик-министер за надворешни работи на Панама, во четвртокот изјави дека мал број мигранти се во контакт со меѓународните организации и Агенцијата на ОН за бегалци.
„Никој од нив не сака да остане во Панама. Тие сакаат да одат во САД. Не можеме да им дадеме зелени картони, но можеме да ги вратиме дома и да им обезбедиме медицинска и психолошка поддршка, како и домување“, рече тој.
Панамскиот претседател Хозе Раул Мулино, прашан за недостатокот на правни мерки, ја доведе во прашање идејата дека мигрантите можат да имаат адвокати.
Костарика и Панама досега им забрануваа на новинарите да влегуваат во објекти каде што се чуваат мигранти. Панама првично ги покани новинарите оваа недела, но на крајот ја откажа посетата.
„Панама не може да стане црна дупка за депортираните мигранти“, рече Хуан Папиер, заменик директор на HRW (Human Rights Watch) во Америка.
„Мигрантите имаат право да комуницираат со своите семејства, да бараат адвокати и Панама мора да гарантира транспарентност на ситуацијата во која се наоѓаат“, рече тој.
Костарика се соочува со слични критики за неуспехот на нејзините власти да ги гарантираат неопходните услови за пристигнување на депортираните.
Од канцеларијата на Народниот правобранител соопштија дека на мигрантите им се одземени пасошите и другите документи, а тие не биле информирани што се случува и каде одат.