Германската полиција уапсила осомничен припадник на Хамас на аеродромот во Берлин, кој се товари дека планирал терористички напади врз еврејски објекти на територијата на Германија, соопшти Главното државно обвинителство во Карлсруе.
Според официјалното соопштение, обвинителството во петокот вечерта издало налог за апсење на 36-годишниот Мухамад С., веднаш по неговото враќање од Бејрут. Тој се сомничи за членство во терористичка организација и за подготовка на терористички напади насочени кон еврејската заедница во Германија.
Обвинителството наведува дека осомничениот уште во август, во координација со друг член на Хамас кој веќе е уапсен, договарал напади врз еврејски објекти, а за таа цел набавил околу 300 парчиња боeва муниција. Истражните органи посочуваат дека станува збор за дел од поширока мрежа, чии членови биле активни и надвор од Германија.
Германската полиција веќе минатата година уапси неколку лица поврзани со истата група, меѓу кои и во Лондон, под сомнение дека подготвувале напади врз еврејски цели во Германија и други европски држави.
Безбедносните служби предупредуваат дека од нападот на Хамас врз Израел во 2023 година и последователната војна во Појасот Газа, во Германија е забележан значителен пораст на напади и закани насочени кон припадници на еврејската заедница. Состојбата е особено напната во Берлин, каде што живее голема палестинска и арапска дијаспора.
Според податоците на Организацијата за борба против антисемитизмот RIAS, во главниот град на Германија во просек се регистрираат околу седум инциденти дневно со антисемитска позадина, што дополнително ги зголемува безбедносните тензии и загриженоста кај властите.
