Повеќе од 500 наставници од белградските гимназии, членови на Форумот, им дадоа апсолутна поддршка на своите поранешни ученици, сегашни студенти, кои веќе неколку дена учествуваат во протестите и блокадите на факултетите, соопшти е Форумот на белградските гимназии.
Наставниците од гимназиите додаваат дека изразуваат голема благодарност кон младите луѓе, за кои велат дека секој ден потсетуваат на значењето на изградбата на општество засновано на одговорност и солидарност.
Како што истакнале, студентите со своето ангажирање, без оглед на сè, покажуваат дека образованието, односно инвестирањето во младите луѓе, е единствената инвестиција која е ослободена од секој ризик.
„Форумот повикува и други синдикати во образованието да ги поддржат барањата на студентите, бидејќи како што сме обединети во моменталната борба за враќање на минималното достоинство на просветните работници, сметаме дека е од исклучителна важност денес да ги поддржиме овие млади луѓе, но и нашите колеги, наставници од високошколските установи, кои ги поддржаа своите студенти, бидејќи само со заеднички напор, вложена енергија и упорност можеме да стоиме во одбрана на вредностите кои нè поврзуваат како заедница, но и општество засновано на одговорност“, се вели во соопштението.
Во овој момент две третини од факултетите во Белград се блокирани. Секој ден студентската побуна се шири сè повеќе, како во главниот град, така и во другите универзитетски градови низ Србија.
Никогаш поорганизирани студентиte во последните две недели испраќаат порака дека нема да молчат за смртта на 15 лица на Железничката станица во Нови Сад, како и за насилството што се врши над нив на протестите од страна на лица кои се блиски на Српската напредна странка.
Капката која го прелила чaшата беше тепањето на студентот од Факултетот за драмски уметности за време на 15-минутната акција пред зградата на овој факултет, за кое никој не бил казнет, и не чуди што претставниците на властите не се огласувале за ова, бидејќи сепак, не им оди во прилог.
Побуната започнала токму од ФДУ, се проширила на Филозофски, Филолошки, Факултетот за политички науки, а подоцна и на многу други, и како што стојат работите, нема да се запрат додека не се исполнат барањата.