Белгија почна со спроведување План за заштита од дронови

целта на мерките ќе биде структурирано следење и евидентирање на инциденти со беспилотни летала, опремување на воените бази со соодветна технологија и воспоставување на систем за борба против дронови од класите 1 и 2, со тежина до 600 килограми
Фото: Хелсинг

По минатонеделниот настан со појава на дронови над воената база „Елзенборн“, Белгија планира некои од стратегиите за одбрана од беспилотни летала, предвидени за 2026 година, да ги примени уште во текот на оваа година, објави белгискиот министер за одбрана, Тео Франкен.

„Ситуацијата е итна. Ќе го поднесам овој предлог до Владата во рок од две недели“, изјави Франкен.

Според него, премногу време е веќе изгубено, и затоа мора да се интензивираат напорите за заштита од дронови. „Не сме во војна, туку во воена криза. Заканата станува се поакутна“, додаде Франкен.

Тој нагласи дека се согласува со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој оцени дека дроновите и вештачката интелигенција претставуваат поголема опасност од нуклеарното оружје.

„Нуклеарното оружје едноставно е премногу масовно деструктивно и затоа и не се користи никогаш или речиси никогаш. Од друга страна, дроновите се користат секој ден. Тоа е уште еден начин да се води војна, да се врши притисок, да се сее паника и да се дестабилизира општеството“, смета белгискиот министер.

Франкен го назначи генералот Мишел Ван Стритем да раководи со тимот за изработка на Акциски план за заштита од беспилотни летала, со што тој го доби прекарот „генерал за дронови“.

Според белгиските медиуми, целта на мерките ќе биде структурирано следење и евидентирање на инциденти со беспилотни летала, опремување на воените бази со соодветна технологија и воспоставување на систем за борба против дронови од класите 1 и 2, со тежина до 600 килограми.

Во ноќта меѓу четвртокот и петокот над воената база „Елзенборн“, која се наоѓа во источна Белгија во близина на границата со Германија, беа забележани 15 дронови кои дојдоа од непозната насока, по што се упатија на германска територија.

На прашање дали зад овој настан стои Русија, министерот Франкен во петокот изјави дека тоа е можно, но дека не постојат конкретни докази за тоа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни