BBC: Кои земји добиваат, а кои губат од војната во Иран?

Војната меѓу САД, Израел и Иран ги потресе енергетските пазари и трговските рути. Русија може да профитира од растот на цените на нафтата, додека земјите во развој се соочуваат со сериозни економски последици.

Во војните ретко има јасни победници, а највисоката цена најчесто ја плаќаат обичните луѓе. Но додека глобалните енергетски пазари и синџирите на снабдување се нарушени, некои земји се подготвуваат за тешки економски последици, додека други во хаосот можат да видат нови геополитички и економски можности.

Американско-израелската воена кампања против Иран предизвика сериозни потреси на Блискиот Исток и пошироко во светот. Конфликтот ги дестабилизираше земјите од Персискиот Залив и принуди стотици илјади луѓе во регионот да ги напуштат своите домови.

Истовремено, наглиот раст на цените на нафтата и нарушениот поморски сообраќај во Персискиот Залив, особено околу Ормускиот теснец, ги зголемуваат трошоците и за компаниите и за потрошувачите низ целиот свет.

Русија може да извлече економска корист

Иако Иран е важен сојузник и воен партнер на Русија, конфликтот носи и одредени можни придобивки за Москва.

Во првите денови од нападите беше убиен иранскиот врховен лидер ајатолах Али Хамнеи, што претставува дипломатски удар за рускиот претседател Владимир Путин, по претходните загуби на влијание во Сирија и Венецуела.

Сепак, војната на Блискиот Исток би можела индиректно да и помогне на Русија во конфликтот во Украина, бидејќи САД пренасочуваат дел од воените ресурси и опрема кон новото жариште.

Според експертите, трошењето ракети и системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ може да ја ограничи количината на оружје што Украина може да го добие.

Дополнително, затворањето на Ормускиот теснец ја зголеми цената на нафтата, што директно ѝ одговара на руската економија. Рускиот буџет се темели на цена на нафта од околу 59 долари за барел, а на глобалните пазари цената се искачи и близу 120 долари.

Доколку големите производители од Персискиот Залив го намалат производството, Русија би можела да извезува повеќе нафта на големи пазари како Кина и Индија.

Кина се соочува со ризици, но и со дипломатски можности

Кина засега не чувствува драматични последици од војната, но економските ефекти постепено би можеле да се зголемат.

Околу 12 проценти од кинеската сурова нафта доаѓа од Иран, но Пекинг има создадено доволни резерви за неколку месеци и може да се потпре на Русија како алтернативен снабдувач.

Сепак, кинеската економија во голема мера зависи од извозот, кој учествува со околу 20 проценти во бруто-домашниот производ. Нарушувањата во поморскиот сообраќај и трговските рути можат значително да го погодат овој сектор.

Покрај економските ризици, конфликтот може да и донесе и дипломатска предност на Кина, која се обидува да се позиционира како стабилен и одговорен глобален лидер и противтежа на американската политика.

Земјите во развој најмногу погодени

Најголеми економски последици најверојатно ќе почувствуваат земјите во развој, особено во Југоисточна Азија, кои се силно зависни од нафта и гас од Блискиот Исток.

Во Виетнам цената на дизелот веќе порасна за околу 60 проценти од почетокот на војната, а владата ги охрабрува граѓаните да работат од дома каде што е можно.

Филипините, кои увезуваат 95 проценти од суровата нафта од Блискиот Исток, воведоа четиридневна работна недела за јавниот сектор.

Слични мерки се воведени и во Пакистан, каде што владата повика на штедење гориво, а многу универзитетски предавања се префрлени на онлајн настава.

Во Бангладеш, поради панично купување, властите воведоа ограничување на продажбата на гориво – десет литри дневно за автомобили и два литра за мотоцикли.

Можни последици за храната во светот

Ефектите од војната можат да се почувствуваат и во глобалното производство на храна.

Околу 30 проценти од светската уреа – клучна суровина за производство на вештачки ѓубрива – се транспортира преку Ормускиот теснец. Секое нарушување на овој транспорт може да предизвика недостиг на ѓубрива и проблеми во земјоделството.

Еден од најголемите светски производители на гас и уреа, компанијата КатарЕнерџи, по нападите врз своите постројки беше принудена да прогласи виша сила и привремено да го запре производството и испораките.

Експертите предупредуваат дека вистинските последици за цените на храната и инфлацијата би можеле да се почувствуваат во следните шест до девет месеци. Ако земјоделците имаат проблеми со набавка на ѓубрива или со производството на култури, глобалниот пазар на храна би можел да се соочи со сериозни потреси.

Извор ББС

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни