BBC го отвора новото поглавје на музичкото радио со три свежи дигитални станици

По повеќе од две децении од последното големо проширување, BBC повторно ги поместува границите на музичкото радио. Тројца нови „членови“ се придружуваат на големото радио семејство: Radio 1 Dance, Radio 1 Anthems и Radio 3 Unwind – три дигитални музички станици што од денес се достапни и преку DAB+ сигналот во цела Велика Британија.

Минатата есен, овие станици се појавија тивко – прво како стримови на BBC Sounds. Но од денес, тие звучат погласно, посигурно и подостапно од кога било. За првпат во историјата, BBC стартува со дигитални станици специјално создадени за новите генерации слушатели, и тоа преку технологијата што станува нов стандард – DAB+.

Радио што зборува на јазикот на слушателот

Публиката веќе не слуша како порано. Младите претпочитаат стриминг, дигитална содржина, музика што доаѓа веднаш и е прилагодена на нивното расположение. BBC го знае тоа. Затоа Radio 1 Dance нуди нон-стоп танц музика од најголемите диџеи во светот, од Карл Кокс до Disclosure. Програмата официјално стартува на 15 септември, со цела недела посветена на електронската сцена – сетови од Ибица, специјални емисии и класични миксови.

Во исто време, Radio 1 Anthems го слави златниот период од 2000-тите и 2010-тите, носејќи го назад времето на вашите омилени хитови. „Workout Anthems“, „Chillout Anthems“ – музика за секој момент од денот. А на 16 септември, наутро со Грег Џејмс, се најавува големо изненадување за фановите на оваа станица.

Но BBC не заборава ни на тивките моменти. За оние кои бараат мир, баланс и простор за дишење, тука е Radio 3 Unwind – класична музика, но подготвена на нов, внимателен и модерен начин. Водена од експерти, како д-р Сиан Вилијамс и Нил Бреслин, оваа станица е создадена за да го поддржи менталното здравје и благосостојбата на слушателите. Од утрински емисии до „Sleeping Forecast“ со умирувачки тонови – ова е радио за душата.

Нови генерации, нови потреби

„Ова е повеќе од музика – ова е начин да допреме до слушатели кои веќе не се препознаваат во традиционалните канали,“ вели Aled Haydn-Jones, директор на Radio 1.
„Dance и Anthems се создадени за младите – за нивните ритми, расположенија, моменти. Радиото не исчезнува – само се менува.“

И навистина, промената е тука. Според најновите податоци, 75% од населението во Обединетото Кралство веќе слуша радио дигитално, а DAB+ е достапен во 100% од новите автомобили. Дури 68% од домаќинствата поседуваат DAB/DAB+ радио. Радиото не се повлекува – напротив, го наоѓа својот пат низ новите технологии и навики.

BBC останува верен на британската музика

Овие станици не се само за слушање – тие се платформа.
Radio 1 Dance ја промовира електронската сцена во целата нејзина разновидност, од хаус до драм-ен-бас. Radio 1 Anthems става фокус на британските изведувачи – дури една четвртина од песните не се пуштаат на комерцијалните станици. А Radio 3 Unwind вклучува ексклузивни изведби од BBC оркестрите, како и дела од жени и етнички диверзитетни композитори, што ретко добиваат простор на класичните радија.

Радиото продолжува да живее

Во време кога музичкиот стриминг ги преплавува слушалките на младите, BBC покажува дека и радиото може да биде иновативно, динамично и блиску до својата публика. Со трите нови станици, јавниот сервис не само што се адаптира – туку станува водечки во аудио трансформацијата.

Новите гласови, новите звуци и новата енергија веќе се тука. А BBC само што ја притисна play.

Извор: BBC

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни