BBC: Апсењето на Мадуро е опасен преседан за целиот свет

Апсењето на венецуелскиот лидер Николас Мадуро по наредба на Доналд Трамп отвори сериозни прашања за меѓународното право, стабилноста во Латинска Америка и глобалниот поредок, оценува BBC.

Апсењето на венецуелскиот лидер Николас Мадуро, спроведено по наредба на американскиот претседател Доналд Трамп, претставува драматичен и опасен преседан со потенцијални последици за целиот свет, оценува BBC во своја анализа.

Според објавеното, Трамп на вонредна прес-конференција во неговиот клуб Мар-а-Лаго на Флорида изјавил дека САД ќе „управуваат со Венецуела“ додека не се создадат услови за „безбедна, исправна и разумна транзиција“. Тој не понудил конкретни детали за следните чекори, но предупредил дека Вашингтон „не се плаши да испрати војска на терен доколку биде потребно“.

Американскиот државен секретар Марко Рубио, според Трамп, веќе разговарал со венецуелската потпретседателка Делси Родригез, која изјавила дека владата ќе соработува со САД. Родригез во меѓувреме е назначена за привремена претседателка на земјата.

Предупредувања за нестабилност и насилство

Иако апсењето на Мадуро се прикажува како брза и успешна воена операција, аналитичарите предупредуваат дека политичкиот дел од процесот може да биде значително покомплексен. Меѓународната организација International Crisis Group уште минатата година предупреди дека ненадејниот пад на режимот во Каракас може да доведе до насилство и длабока нестабилност.

Слични заклучоци беа објавени и во The New York Times, каде што се наведува дека симулации спроведени од поранешни американски функционери покажале сценарија на вооружен хаос и борба за власт меѓу различни фракции.

Воен успех, политички ризик

Апсењето на Мадуро се оценува како јасна демонстрација на американската воена моќ, спроведена без жртви меѓу американските сили. Дел од венецуелската јавност, незадоволна од долгогодишното владеење и изборните контроверзии, го поздрави неговото отстранување. Но, BBC потсетува дека искуствата на САД со насилна промена на режими во последните децении – Ирак и Авганистан – укажуваат на сериозни ризици и долгорочна нестабилност.

„Доктрина Донро“ и регионални закани

Трамп дополнително ја продлабочи загриженоста со најавата за нова безбедносна стратегија, која ја нарече „Доктрина Донро“, надоврзувајќи се на историската Монроова доктрина. Тој изјави дека американската доминација на западната хемисфера „никогаш повеќе нема да биде доведена во прашање“, упатувајќи остри пораки до лидерите во регионот, вклучувајќи ги Колумбија и Мексико.

Историските примери на американски интервенции во Латинска Америка, како интервенцијата на Хаити во 1994 година, според BBC, покажуваат дека брзото рушење на режим не значи и долгорочна стабилност.

Кој ќе ја води Венецуела?

Трамп јасно стави до знаење дека не ја поддржува опозициската лидерка Марија Корина Мачадо, добитничка на Нобеловата награда за мир за 2025 година, ниту пак го спомена Едмундо Гонзалез, за кого дел од јавноста верува дека победил на изборите во 2024 година. Наместо тоа, Вашингтон засега ја поддржува Делси Родригез, што отвора сомнежи дека суштината на поранешниот режим останува недопрена.

Богатствата како стратешки мотив

BBC посочува дека интервенцијата се вклопува во поширокиот светоглед на Трамп, кој отворено говори за економските и ресурсните интереси на САД. Венецуела располага со огромни резерви на нафта и минерали, а Трамп изјави дека тие богатства ќе бидат „извлечени во корист на народот на Венецуела, но и на Соединетите Американски Држави“.

Опасен глобален преседан

Најсериозната последица, според анализата, е ударот врз меѓународното право. Европските сојузници, вклучувајќи го и британскиот премиер Кир Стармер, се обидуваат да го одбранат правниот поредок без директно да ја осудат американската акција, која, според BBC, претставува кршење на Повелбата на Обединетите нации.

Кина веќе ја осуди интервенцијата, предупредувајќи дека ваквиот преседан може да се искористи и во други глобални конфликти, вклучително и околу Тајван. Демократскиот сенатор Марк Ворнер предупреди дека рушењето на овие граници може да го забрза глобалниот хаос.

Според BBC, потезите на Трамп на самиот почеток на 2026 година најавуваат период на зголемени глобални тензии и неизвесност, со последици што далеку ги надминуваат границите на Венецуела.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни