Новинската агенција Reuters тврди дека по повеќегодишна истрага успеала да го открие вистинскиот идентитет на мистериозниот уличен уметник Бенкси. Според нивните наводи, зад светски познатиот псевдоним стои Робин Ганингем, но адвокатот на уметникот остро ги негира овие тврдења.
Според извештајот на Reuters, кој се повикува на десетици разговори со извори запознаени со случајот, како и на досега необјавени судски и полициски документи, зад псевдонимот Бенкси се крие Робин Ганингем.
Неговото име и претходно се поврзуваше со познатиот уличен уметник, а се наведува дека во 2007 година наводно го променил името во Дејвид Џонс.
Reuters тврди дека до овие заклучоци дошле преку анализа на американски судски списи, полициски извештаи и разговори со бројни експерти и познавачи на уметничката сцена.
Бенкси се појави на сцената во деведесеттите години и оттогаш успева внимателно да ја зачува својата анонимност, и покрај повеќе ситуации кога неговиот идентитет бил блиску до разоткривање.
Адвокатот ги негира тврдењата
Адвокатот на Бенкси, Марк Стивенс, остро реагираше на извештајот на Reuters, нагласувајќи дека неговиот клиент „не прифаќа дека многу од деталите наведени во истрагата се точни“.
Тој предупреди дека објавувањето на вакви информации би можело да има сериозни последици.
Според него, таквите откритија би ја нарушиле приватноста на уметникот, би го попречиле неговото творештво и би можеле да го доведат во опасност.
Стивенс додаде дека Бенкси со години бил изложен на „опсесивно, заканувачко и екстремистичко однесување“, поради што неговото разоткривање би било штетно и за поширокиот јавен интерес.
„Создавањето под псевдоним или анонимно служи на важни општествени интереси, бидејќи ја штити слободата на изразување и им овозможува на авторите да ја кажуваат вистината без страв од одмазда, цензура или прогон“, истакна адвокатот.
Анонимноста како заштита
За причините поради кои Бенкси го крие својот идентитет претходно зборуваше и неговиот поранешен менаџер Стив Лазаридес.
Тој објасни дека анонимноста на почетокот била практична мерка за заштита.
„Тоа започна како самозаштита во Бристол. Не сакаше да биде уапсен ниту да заврши во затвор“, изјави Лазаридес.
Со текот на времето, додава тој, анонимноста станала и товар.
„Луѓето во главата имаат слика за некаков народен херој, но таа слика кај секого е различна. Бенкси никогаш навистина не можел да ужива во славата што ја стекна“, рече Лазаридес.