Бангладеш: Шест мировници загинаа во напад со дрон врз база на ОН во Судан

Најмалку шест мировници од Бангладеш загинаа, а осум се повредени во напад со дрон врз база на Обединетите нации во спорниот регион Абјеј, меѓу Судан и Јужен Судан, соопштија вооружените сили на Бангладеш.

Нападот се случил во саботата попладне врз логистичката база Кадугали, која функционира во рамки на мировната мисија на ОН во Абјеј. Според соопштението на службата за односи со јавност на армијата на Бангладеш, нападот бил извршен од вооружени сепаратистички групи со беспилотно летало, во периодот од околу 15:40 до 15:50 часот по локално време.

Бангладеш е меѓу најголемите придонесувачи со војници во мировните мисии на Обединетите нации, а неговите сили со години се распоредени во овој нестабилен регион.

Од армијата на Бангладеш претходно информираа дека надлежните служби преземаат максимални напори за медицинска помош и спасувачки операции за повредените мировници.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, остро го осуди нападот во објава на платформата Икс, изразувајќи сочувство до семејствата на загинатите и посакувајќи брзо закрепнување на повредените.

„Нападите врз мировниците на Обединетите нации, како овој, се неоправдани и може да претставуваат воени злосторства. Ги потсетувам сите на обврската да го заштитат персоналот на ОН и цивилното население“, порача Гутереш.

Јужен Судан се отцепи од Судан во 2011 година по долгогодишна граѓанска војна, но двете држави никогаш не постигнаа договор за статусот на неколку гранични региони, меѓу кои и Абјеј, за кои и двете страни полагаат право на суверенитет.

Извор: Reuters

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни