Советот за безбедност на Обединетите нации започна расправа за нацрт-резолуција предложена од Бахреин, со која се бара да им се дозволи на земјите да користат „сите потребни средства“ за да се обезбеди слободен поморски сообраќај во Ормуски теснец.
Според дипломатски извори на Франс прес, текстот предвидува државите-членки да можат да дејствуваат и во самите територијални води на крајбрежните држави, со цел да се спречи блокирање или попречување на една од најважните глобални трговски рути.
Во документот директно се бара од Иран веднаш да ги прекине нападите врз трговските бродови и обидите за ограничување на пловидбата низ теснецот.
Резолуцијата, исто така, остава простор за воведување санкции против сите актери што ќе ја нарушат слободата на пловидба.
Во меѓувреме, ситуацијата на терен останува тензична – низ теснецот моментално минуваат само ограничен број бродови, претежно ирански, откако иранските сили делумно ја блокираа оваа клучна енергетска артерија.
Ова не е прва иницијатива на Бахреин. Во име на земјите од Заливот, веќе беше усвоена резолуција со која се бара итен прекин на иранските напади врз регионалните држави, вклучително и Јордан.
Дебатата во ОН се очекува да биде сложена, со оглед на можните геополитички последици од евентуално одобрување на употреба на сила во една од најчувствителните точки во светот.