Мојот личен впечаток е дека во нашето општество зборовите „сексуалност“ и „образование“ или, пак, „сексуалност“ и „дете“ не одат заедно. Но, моето стручно искуство ми го потврдува спротивното. Сексуалноста се состои од видови однесувања придружени со физички, емоционални и социјални интеракции. Таа претставува важен и неделив аспект од здравиот развој и процесот на прилагодување на личноста низ различните развојни фази во животот. Една од најважните причини зошто ни е потребна едукација за сексуалниот развој е фактот што токму разбирањето на здравиот сексуален развој е клучно за превенцијата на сексуалната злоупотреба.
Многумина не знаат што да очекуваат од развојот на сексуалноста, па не можат да направат разлика помеѓу соодветно и несоодветно однесување. Сексуалноста е нераздвоен дел од севкупниот развој на личноста – когнитивен, моторен, говор и комункација, социјален, емоционален и сексуален. Овие развојни области се меѓусебно тесно поврзани и зависни една од друга. Занемарувањето на која било развојна област влијае на останатите и во каква личност ќе се изгради единката.
Токму затоа, никому не му одат во прилог пасивното набљудување отстрана или обидите да одредено непожелно однесување, во случајов сексуално, се именува со зборови кои нема точно да го опишат. Од прва рака знам дека родителите многу полесно прифаќаат кога нивното дете се однесува психички или физички насилно. Но, кога детето манифестира сексуално насилство, често го слушам барањето „Ве молам да не го именуваме така“. Дури и самите не се чувствуваат пријатно да го изговорат зборот „сексуално“. Па се прашувам, ако однесувањето на го именуваме правилно, како може да се очекува дека правилно ќе постапиме и интервенираме? Или, медицински кажано, „точна дијагноза – правилен третман“. Во образовниот систем, пак, ова би значело „правилно именување – соодветно образување“.
Уште нешто што родителите тешко го прифаќаат, односно не го препознаваат, е сексуалното насилство во пониските одделенија. Ѕиркањето во тоалетите или соблекувалните во никој случај не смее да биде игнорирано или оправдано со „па и ние сме го правеле тоа.“ Исто така, не смее да се минимизираат ни последиците од „шегите“ со сексуална содржина и да се прифаќаат како нормална комуникација, со надеж дека со текот на времето ќе исчезнат или барем намалат.
Затоа, пак, за разлика од родителите, учениците многу поотворено и искрено пристапуваат кога се дел од сексуална едукација. За најголем број од нив, едукацијата нуди простор каде што можат отворено да разговараат на теми од областа на сексуалноста. И неретко, тоа е и единственото место каде што учениците може воопшто да постават прашање кое ги интересира, без да бидат прекорени или оставени без одговор.
Правилното именување на деловите на телото, усвојувањето на правилата на однесување во приватен и јавен простор, запознавањето со промените кои настануваат за време на пубертетот, препознавањето на пријатни и непријатни допири, соодветното однесување во различни видови врски се само дел од темите за кои учениците со интерес дискутираат и сакаат да зборуваат. И многу често на крајот на работилниците прашуваат „Кога да дојдам пак?“. Токму ова најгласно кажува колку ваквите информации им се корисни и потребни.
Но, дури и да го направиме првиот чекор – правилно да именуваме, кога ќе го направиме вториот чекор – соодветно да образуваме? Во целава слика недостига делчето образование. Последните неколку години со право растат загриженоста и заложбите да се превенира врсничкото насилство во училиштата. Но, не можам да разберам зошто сѐ уште го нема сексуалното образование во тие програми, кога токму тоа има исклучително важна улога во превенцијата на сексуално насилство и злоупотреба? Повторно ќе направам споредба со медицинскиот речник. Тоа му доаѓа како промовирање на тестирање/дијагностика за одредена болест, без притоа да биде обезбедена терапија/третман за неа. Односно, се преземаат чекори да се идентификува сексуалното насилство, а не е дефинирано како потоа ќе се постапува, односно каков ќе биде „третманот“.
Без сексуално образование учениците се оставени самите да доаѓаат до одговорите на прашањата кои е сосема нормално да ги имаат. Кога детето поставува прашање, значи има интерес и сака да добие одговор. Тука нема дилема, прашањето мора да биде одговорено. Доколку одговорот не го дадеме ние, како родители и наставници, тогаш детето сигурно самото ќе дојде до информација, која често е грешна или нецелосна. Моето досегашно искуство ми потврдува колку се ретки родителите кои за оваа тема отворено разговараат со своите деца. Баш затоа неопходно е да се обезбеди пристап до точни информации, прилагодени на менталната и развојната возраст на учениците. Само така ќе можеме да им помогнеме да се заштитат од сексуално насилство и злоупотреба. И само така ќе можат безбедно да ја истражуваат сопствената сексуалност.
Индивидуалниот сексуален развој и изразување започнуваат уште во домот: прво семејните, а потоа и културолошките и општествените вредности го насочуваат и водат разбирањето и искусувањето на сексуалноста и врските. Пристапот до соодветна сексуална едукација е клучен за развојот на здраво и соодветно сексуално однесување. Токму тука е нашата одговорност како родители, наставници, како општество – да обезбедиме пристап до сексуално образование, доколку не сакаме интернетот и социјалните медиуми да го направат тоа наместо нас. Затоа, ајде правилно да именуваме – и одговорно да образуваме!