Најмалку десет лица го загубија животот, а 32 лица се повредени во тешка автобуска несреќа што се случи во источната мексиканска сојузна држава Веракруз, соопштија локалните власти.
Несреќата се случила во средата, во близина на градот Зонтекомантлан, кога автобус што сообраќал од Мексико Сити кон селото Чиконтепек доживеал тешка сообраќајна незгода.
Од канцеларијата на градоначалникот на Зонтекомантлан информираа дека меѓу загинатите има девет возрасни лица и едно дете. Повредените биле пренесени во блиските здравствени установи, а дел од нив се со тешки телесни повреди.
Надлежните служби спроведуваат истрага за утврдување на причините за несреќата, додека спасувачките екипи интервенирале на терен неколку часа по инцидентот.
Чести сообраќајни несреќи
Сообраќајните несреќи со автобуси и товарни возила се релативно чести во Мексико, а најчесто се поврзуваат со пребрзо возење, лоши патни услови или механички дефекти.
Само кон крајот на ноември, десет лица загинаа, а 20 беа повредени во слична автобуска несреќа во сојузната држава Мичоакан, на западот на земјата.