Австралиската полиција спроведува операција „Склониште“: 18 лица обвинети за антисемитизам

Полицијата на сојузната држава Нов Јужен Велс подигна обвиненија против 18 лица за вкупно 34 кривични дела поврзани со антисемитизам, во рамки на операцијата „Склониште“.

Акцијата е значително засилена по терористичкиот напад на Бонди Бич на 14 декември, во кој загинаа 15 лица, а 40 беа повредени, најсмртоносниот напад во историјата на Австралија, јавуваат австралиските медиуми.

Операцијата „Склониште“ првично беше воспоставена во октомври 2023 година со цел собирање разузнавачки информации и спречување антисемитско и асоцијално однесување. По масакрот на Бонди, таа е проширена, а полицијата извршила повеќе од 2.600 проактивни задачи во 3.200 смени.

Во рамки на мерките, засилени се стационарните и мобилните патроли на Бонди, околу синагоги и други верски објекти во источните предградија на Сиднеј, како и во внатрешниот запад и западниот дел на градот. Дополнително обезбедување има и околу домови за стари лица и болници.

Издвоени случаи

Меѓу пријавените инциденти, 26-годишна жена е обвинета поради наводен антисемитски телефонски повик кон компанија во источните предградија на Сиднеј. Во друг случај, 20-годишен маж е обвинет за повици преку социјалните мрежи со кои наводно поттикнувал насилни дејства, а се соочува со обвиненија за закани, вознемирување и јавно поттикнување насилство врз основа на раса или вера.

Исто така, 55-годишен маж е обвинет откако, според полицијата, извикувал навредливи фрази на Кембл Парада во Бонди. Против него се водат постапки за недолично однесување на јавно место, попречување на службено лице и заплашување полицаец без нанесување телесни повреди.

Операцијата продолжува

Командантот на операцијата, помошник-комесарот Стивен Хегарти, изјави дека „Склониште“ ќе остане активна колку што е потребно. „Главната цел е зачувување на безбедноста на заедницата и да се обезбеди сите да се чувствуваат сигурно“, нагласи тој, додавајќи дека нема да се толерира однесување што ја загрозува општествената кохезија во Нов Јужен Велс.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни