Мерката, која ги опфаќа платформите како Instagram, TikTok и YouTube, им наложува на технолошките компании да ги блокираат корисничките сметки за оваа возрасна група или да се соочат со парични казни што можат да достигнат и до 33 милиони долари, јавува Ројтерс.
Новата регулатива, поздравена од родителите и организациите за заштита на децата, а критикувана од технолошките гиганти и поборниците за слобода на говор, претставува прв сериозен модел за ограничување на пристапот на малолетниците до дигиталните платформи. Според експертите, ваквиот пристап најверојатно ќе стане пример и за други земји кои размислуваат за слични мерки. Професорката за интернет-студии на Универзитетот „Кертин“, Тама Ливер, нагласува дека Австралија е прва што воведува вакви рестрикции, но веројатно нема да биде последна, бидејќи слични иницијативи се разгледуваат од Данска до Малезија, како и во одделни американски држави.
Забраната, најпрвин насочена кон десетте најголеми дигитални платформи, ќе се проширува во чекор со појавата на нови услуги и со миграцијата на корисниците кон алтернативни апликации. Платформите ќе мора да ја утврдуваат возраста на корисниците преку алгоритми, податоци од лични документи или банкарски информации.
Иако компаниите предупредија дека ваквите мерки ќе ја ограничат слободата на говор и ќе влијаат врз идниот раст на корисничката база, австралиската влада тврди дека главната цел е заштита на децата и намалување на негативните ефекти од дигиталните содржини. Според податоците, пред воведувањето на забраната дури 86 проценти од децата на возраст од осум до 15 години користеле социјални мрежи.
За да се следи влијанието на новата политика, комесарот за е-безбедност ангажира Универзитетот „Станфорд“ и тим од 11 научници кои најмалку две години ќе ги анализираат резултатите од мерката, а добиените податоци ќе им бидат ставени на располагање на регулаторите и законодавците ширум светот. Ко-директорот на Центарот за вештачка интелигенција, доверба и управување при Универзитетот во Сиднеј, Тери Флу, оцени дека „деновите на неограничено самоизразување на социјалните мрежи за децата полека заминуваат“, нагласувајќи дека новата регулатива е од суштинско значење за современото дигитално општество.
Извор:N1info.rs
