Авиокомпаниите ќе го укинат чек-инот – „Ова ќе биде најголема промена во последните 50 години”

Меѓународната организација за цивилно воздушно сообраќање (ICAO), тело на ОН задолжено за изработка на правила за воздушен сообраќај, планира темелна реформа на постојните правила за аеродроми и авиокомпании со воведување на “дигитална патна исправа”.

Овој систем ќе овозможи на патниците да ги зачуваат податоците од пасошот на мобилните уреди, кои ќе ги користат цело време на патувањето. Според пишувањето на Times, промените би можеле да стапат на сила во рок од три години.

Препознавање на лицето на аеродромите
Во моментов, патниците мораат да направат чек-ин (пријавување), било онлајн или на аеродромот. Потоа добиваат карта за качување со бар-код која мора да ја покажуваат на неколку контролни точки, вклучувајќи и при самото качување во авион.

Со најавените промени, ќе се укине потребата од картички за качување и чек-ин. Наместо тоа, патниците ќе добиваат “патна пропусница” (journey pass) на својот телефон по резервацијата на летот. Ако дојде до промени во резервацијата, пропусницата автоматски ќе се ажурира.

Патниците ќе можат исто така да ја зачуваат својата патна исправа на телефонот и да го користат препознавањето на лицето за да минат низ аеродромот. Наместо досегашната пријава, при која авиокомпаниите добиваат информација за тоа кој ќе влезе во авион, тие автоматски ќе бидат известени кога патникот ќе стигне на аеродромот и кога лицето ќе биде скенирано.

“Најголема промена во последните 50 години”
Валери Виал, директор на управување со производи во технолошката компанија Amadeus, изјави за Times дека овие промени се “најголеми во последните 50 години”. “Последното големо подобрување беше воведувањето на е-карти во почетокот на 2000-те. Индустријата сега одлучи дека е време за модернизација – според системите какви што користи, на пример, Amazon.”

Потреба за нова инфраструктура
За успешна имплементација на овие промени, аеродромите ќе мораат да инвестираат во инфраструктура за препознавање на лицето и системи кои можат да читаат патни исправи од мобилни уреди.

“Многу воздушни системи не се менувани повеќе од 50 години, бидејќи сè треба да биде усогласено и интероперабилно”, изјави Виал.

Промени во случај на задоцнувања
Ќе се промени и начинот на постапување со задоцнувањата и пропуштените преседнувања. Во новиот систем, патниците кои задоцнат на преседнување поради задоцнување кое не е нивна вина, ќе добијат известување на мобилен телефон со детали за новиот лет, а нивната пропусница автоматски ќе се ажурира и ќе им овозможи качување на новиот лет.

“Тековните системи на авиокомпаниите се многу одвоени. Во иднина, сè ќе биде многу повеќе поврзано и патната пропусница ќе биде динамична”, изјави Виал.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни