Министерството за земјоделство на Авганистан усвои петгодишен алтернативен план за замена на одгледувањето афион, откако владата претходно го забрани одгледувањето на ова растение.
Планот предвидува обезбедување правна и економска помош за постојните одгледувачи на афион, а овие мерки директно ќе опфатат 149.000 земјоделци, додека повеќе од еден милион од нив индиректно ќе имаат корист од програмата.
„Овој план им обезбедува одржливи економски можности на земјоделците во секторите земјоделство, одгледување добиток, природни ресурси и наводнување“, изјави портпаролот на министерството, Шер Мохамад Хатами.
Новите мерки вклучуваат проекти фокусирани на развој на овоштарници, одгледување добиток, подобрување на системите за наводнување, воспоставување оранжерии и отворање центри за обука за земјоделци.
Како што е наведено, како алтернатива на одгледувањето афион, на земјоделците ќе им бидат понудени други култури како што се шафран, памук, пченица и други производи.
Министерството за земјоделство посочи дека неколку земји-донатори ветиле поддршка во спроведувањето на овие иницијативи, а некои веќе започнале практична соработка во таа област.
