Аутизмот не е еднаков за сите: Научниците откриваат различни генетски профили кај рано и доцна дијагностицираните

Научниците предупредуваат дека аутизмот не треба да се гледа како едно единствено нарушување со една причина.

Според ново истражување, оние кои се дијагностицирани како мали деца имаат различен генетски профил од оние кои добиваат дијагноза подоцна во животот.

Истражувањето, базирано на податоци од повеќе од 45.000 луѓе со аутизам во Европа и САД, покажало дека децата дијагностицирани пред шест години често покажуваат потешкотии во однесувањето уште од раното детство, особено во социјалната интеракција, но тие потешкотии остануваат стабилни со текот на времето.

Од друга страна, оние кои се дијагностицирани по десеттата година од животот почесто се соочуваат со зголемување на социјалните потешкотии во адолесценцијата и имаат поголема веројатност за развој на ментални здравствени состојби како депресија.

„Терминот ‘аутизам’ веројатно опишува повеќе различни состојби“, вели д-р Варун Вариер од Одделот за психијатрија во Кембриџ, еден од водечките автори на студијата. „За првпат откривме дека аутизмот дијагностициран порано и подоцна има различни биолошки и развојни профили.“

Научниците потенцираат дека не предлагаат поделба на две дијагностички категории, бидејќи тоа би било неприменливо за оние кои се „помеѓу“, со оглед на тоа дека аутизмот постои како спектар.

Овие откритија доаѓаат во време кога дијагнозата на аутизам драстично се зголеми – во Велика Британија, бројот на дијагнози се зголемил за речиси 800% помеѓу 1998 и 2018 година, што се припишува на проширување на дијагностичките критериуми и поголема свест за состојбата.

Иако аутизмот е дефиниран преку тешкотии во социјалната комуникација, сензорното процесирање и ограниченото однесување, постои огромна варијабилност помеѓу поединците. Студијата покажала дека генетските профили на рано и доцна дијагностицираните се значително различни, со само скромна покриеност. Генетскиот профил на доцна дијагностицираните е блиску до оној кај ADHD и други ментални здравствени состојби како депресија и ПТСП, а не до аутизмот дијагностициран во раното детство.

Децата дијагностицирани пред шест години почесто заостануваат во моторниот развој и имаат тешкотии да ги разберат гестовите на рацете, додека оние дијагностицирани по десеттата година често покажуваат влошување на социјалните потешкотии во адолесценцијата.

Професорката Ута Фрит од Универзитетскиот колеџ во Лондон, која не учествувала во истражувањето, коментира: „Ова ми дава надеж дека ќе се откријат уште повеќе подгрупи, и секоја ќе добие соодветна дијагностичка ознака. Време е да сфатиме дека ‘аутизмот’ е мешавина од различни состојби.“

Извор: The Guardian

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни