Австралија најави откуп на оружје по смртоносниот напад на плажата Бонди

По нападот во Сиднеј со 15 жртви, австралиската влада најави дополнителни мерки за контрола и намалување на огненото оружје

Австралиските власти најавија воведување програма за откуп на оружје по смртоносниот напад на плажата Бонди во Сиднеј, еден од најтешките вооружени инциденти во земјата по масакрот во Порт Артур во 1996 година, кога беа убиени 35 лица.

Од австралиската влада информираат дека и покрај тоа што по масакрот во Порт Артур беа воведени едни од најстрогите закони за контрола на оружјето во светот, последниот напад покажал дека се потребни дополнителни, построги мерки.

Во вооружениот напад што се случи во неделата, за време на прослава на еврејскиот празник Ханука, беа убиени 15 лица. Според првичните информации, двајцата напаѓачи биле инспирирани од идеологијата на Исламската држава. Нападот го извршиле татко и син, при што синот преживеал и е обвинет по 59 точки од обвинението.

Премиерот на Австралија, Ентони Албанезе, изјави дека во земјата моментално има околу четири милиони парчиња огнено оружје, што е повеќе отколку во периодот кога се случи нападот во Порт Артур.

„Знаеме дека еден од терористите имал легална дозвола за оружје и поседувал шест пушки, иако живеел во густо населено предградие на Сиднеј. Нема никакво оправдување за толку голем број оружје во таква средина“, изјави Албанезе.

Комесарката на Федералната полиција, Криси Барет, истакна дека доколку целта е реално намалување на бројот на оружје во оптек, мерките мора да вклучуваат и државен откуп на огненото оружје. Според најавите, програмата ќе опфати откуп на вишок забрането и нелегално оружје, а владата проценува дека на тој начин ќе бидат собрани и уништени стотици илјади парчиња огнено оружје.

Покрај тоа, властите најавија ограничување на бројот на оружје што може да го поседува еден поединец, построги услови за издавање дозволи, како и дополнителни рестрикции за видовите оружје што ќе биде дозволено за цивилно поседување. Австралиското државјанство, исто така, би станало услов за добивање дозвола за оружје.

Во меѓувреме, полицијата на Нов Јужен Велс соопшти дека ќе ослободи седум мажи кои биле приведени откако се упатиле кон плажата Бонди, а за кои постоеле сомнежи дека се поврзани со екстремистичка идеологија. Сепак, полицијата нагласи дека тие и понатаму ќе бидат под надзор поради сомнеж за радикализација под влијание на Исламската држава.

Комесарот на полицијата на Нов Јужен Велс, Мел Ленјон, изјави дека нема докази за директна поврзаност меѓу овие лица и напаѓачите, но дека нивното движење кон местото на нападот претставувало потенцијален ризик.

„Иако немавме конкретна информација за непосредна закана, проценката беше дека постои реален потенцијал за сериозно насилно дело и не бевме подготвени да го прифатиме тој ризик“, изјави Ленјон.

Владата најави дека новите мерки ќе бидат дел од поширока стратегија за национална безбедност, со цел да се спречат идни напади и да се зајакне довербата на граѓаните во системот за заштита.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни