Астронаутите на мисијата Artemis II станаа првите луѓе кои користат iPhone 17 Pro Max за лична употреба во длабоката вселена. Четирите уреди патуваат кон Месечината со брзина од околу 40.000 километри на час.
Администраторот на НАСА, Џеред Ајзакман, претходно потврди дека астронаутите ќе можат да носат „најнови мобилни телефони“ на оваа мисија. По лансирањето на 1 април 2026 година, секој член од екипажот добил свој iPhone за фотографирање и снимање видео за време на историското патување.
Од Apple посочија дека не биле директно вклучени во процесот на одобрување, но потврдија дека ова е првпат iPhone целосно да биде одобрен за долготрајна употреба во орбитата и надвор од неа. Сепак, уредите се строго ограничени – постојано се во авионски режим, без интернет, Bluetooth или комуникација, што ги прави практично напредни камери.
Строг процес на одобрување
Одобрувањето на комерцијален уред за користење во вселената било сложен процес. Експерти од BioServe Space Technologies објаснуваат дека процедурата вклучува неколку фази, од безбедносна анализа, преку идентификација на ризици, до тестирање на решенија.
Во услови на микрогравитација, секој мал дел што би се одвоил од уредот може да претставува опасност за екипажот. Затоа биле разгледувани решенија како прицврстување на телефоните со специјални ленти во капсулата Orion или на самите вселенски одела.
Дел од поголема стратегија
Користењето на iPhone е дел од пошироката стратегија на НАСА да го доближи истражувањето на вселената до јавноста. Со уреди што луѓето секојдневно ги користат, агенцијата се надева дека ќе создаде поавтентични и поприсутни содржини од мисијата. Покрај iPhone-ите, астронаутите користат и професионална опрема, вклучувајќи GoPro Hero 11 камери и фотоапарати Nikon D5.
Останува да се види дали токму со iPhone ќе бидат направени некои од највпечатливите фотографии од оваа историска мисија, но првите резултати веќе навестуваат импресивни снимки од вселената.