Повеќе од 50 години откако човештвото првпат ја обиколи Месечината, астронаутите од мисијата Artemis II повторно ќе ја набљудуваат директно нејзината површина, овојпат користејќи ја најосновната алатка, човечкото око. И покрај огромниот технолошки напредок од ерата на Аполo програма, НАСА и понатаму смета дека човечката перцепција е клучен научен инструмент во истражувањето.
Главната научничка на мисијата Келси Јанг изјави дека човечкото око останува „најдобрата камера што постои“, бидејќи може да забележи нијанси, контекст и промени во осветлувањето кои понекогаш им бегаат на инструментите.
Астронаутите, Рид Вајзман, Виктор Гловер, Кристина Кох и Џереми Хансен, поминале повеќе од две години обука за да станат „теренски научници“, вклучувајќи геолошки експедиции и симулации на лет околу Месечината.
„Теренски научници“ во вселената
Како дел од подготовките, екипажот научил да препознава клучни релјефни форми и да ја разбира површината на Месечината во различни услови на осветлување. Целта е да се извлечат научно корисни набљудувања за време на краткиот лет околу Месечината.
Според научниците од NASA, Месечината од орбитата ќе изгледа како објект со големина на кошаркарска топка гледан од испружена рака, но со доволно детали за важни научни опсервации.
Иако модерните камери ќе снимаат податоци, клучен дел од мисијата останува човечкото набљудување и способноста на астронаутите да опишат нијанси на боја, текстура и светлина – информации кои се тешко преносливи преку чисти фотографии.
Научниците очекуваат дека овие описи, иако нема да донесат драматични откритија, ќе обезбедат уникатна перспектива што не била слушната од времето на првите лунарни мисии.