Во Културно-едукативниот центар „Лабораториум“, денес, од 12 до 18 часот, ќе се реализира уште едно издание на „Artisan Sunday“, во организација на Re:store маркет.
“Artisan Sunday” претставува посебно доживување за творците и обожавателите на еколошката мода, спојувајќи го амбиентот на битпазар со модерни пазари и има за цел да формира инклузивна, креативна и мотивирана заедница.
Според организаторите, ќе може да се откријат впечатливи, претходно користени модни артикли од различни правци и периоди, предмети, покуќнина, детски додатоци, внимателно избрани и претставени од бројни независни излагачи.
На случувањето ќе учествуваат повеќе од 30 изложувачи, ќе се нудат винили, ќе се одржат DIY креативни сесии водени од македонски уметници, ќе се менуваат растенија и ќе се игра пинг-понг.
Ќе настапат неколку диџеи со свои сетови, а влезот е слободен и за сите домашни миленичиња за кои е осмислен посебен, освежителен пијалок.
Настанот опфаќа разнолика програма – креативни простори и ракотворби, DIY и upcycling работилници отворени за сите гости, музичка програма каде што продавачите на винили ќе избираат плочи и ќе пуштаат музика во живо, пинг-понг зона за дружење и забава.