Капсулата „Орион“ со екипажот на мисијата „Артемис II“ треба да се врати на Земјата во ноќва, со планирано приводнување во Тихиот Океан на 11 април во 2:07 часот по македонско време, односно 10 април во 20:07 по источноамериканско време, кај брегот на Сан Диего. Со тоа треба да заврши десетдневната мисија околу Месечината и првото човечко патување до нејзината околина по повеќе од половина век.
Иако мисијата веќе се смета за историска, токму последната фаза сега е под најголемо внимание. НАСА и официјално ја третира повторната средба со атмосферата како еден од двата најчувствителни моменти на ваквите летови, заедно со лансирањето. Капсулата треба да влезе во атмосферата со огромна брзина, а секое отстапување во траекторијата може да има сериозни последици за спуштањето.
Дополнителна причина зошто вниманието е насочено кон ова враќање е и топлинскиот штит на „Орион“. По беспилотната мисија „Артемис I“ имаше загриженост поради оштетувања на штитот, па за оваа мисија НАСА не направи целосна замена, туку ја приспособи траекторијата на спуштање за да се намали топлинското оптоварување. Затоа, ова не е само враќање дома, туку и важен тест за идните лунарни мисии со екипаж.
Во текот на денешниот ден е предвиден уште еден клучен чекор пред финалниот влез во атмосферата. НАСА соопшти дека третата корекција на повратната траекторија е планирана за 10 април околу 13:53 по источноамериканско време, што е 19:53 по македонско време. Тоа е последен важен маневар пред завршните процедури за спуштање.
Во самата завршница на мисијата се очекува и неколкуминутен прекин на комуникацијата. Според НАСА, околу 19:53 по источноамериканско време ќе започне планиран околу шестминутен прекин, кога околу капсулата се создава плазмен слој поради екстремната топлина. Во тој дел од спуштањето, екипажот се очекува да почувствува оптоварување до 3,9 G. По излегувањето од тој појас, „Орион“ треба да го исфрли заштитниот поклопец, да ги отвори помошните падобрани околу 20:03, а главните околу 20:04, пред приводнувањето во 20:07 по источноамериканско време.
Ако сè мине според планот, во рок од два часа по приводнувањето астронаутите ќе бидат извлечени од капсулата со хеликоптери и пренесени на американскиот брод USS John P. Murtha, каде ќе поминат низ првични медицински проверки по мисијата.
„Артемис II“ веќе влезе во историјата и по уште еден важен момент. На 6 април 2026 година, екипажот достигна 248.655 милји од Земјата, со што го надмина рекордот за најдалечно човечко патување во вселената, претходно поставен од „Аполо 13“ во 1970 година. Ако приводнувањето помине успешно, мисијата ќе ја затвори најважната проба пред следните чекори во американската програма за враќање на човекот на Месечината.