Артемис II во вселената го однесе и AVATAR, експеримент што ги мери ризиците за човечкото тело

Мисијата Артемис II го вклучува експериментот AVATAR, кој со organ-on-a-chip технологија ќе следи како длабоката вселена, радијацијата и микрогравитацијата влијаат врз човечкото здравје.

Артемис II не е само историски лет околу Месечината, туку и една од најважните современи мисии за тоа како длабоката вселена делува врз човечкото тело. За време на 10-дневниот лет, покрај четворицата астронаути, во капсулата Орион патуваат и мали „аватари“ од нивни клетки, преку кои научниците ќе следат како радијацијата и микрогравитацијата влијаат врз човечкото здравје надвор од заштитното магнетно поле на Земјата.

Станува збор за експеримент наречен AVATAR, кој користи таканаречени organ-on-a-chip уреди, мали биочипови со човечки клетки што го имитираат однесувањето на вистинско ткиво. Во случајот на Артемис II, секој астронаут има свој биолошки „двојник“ изработен од клетки од коскена срцевина, а целта е да се утврди дали овие модели можат реално да покажат што му се случува на организмот за време на вселенски лет во длабока вселена.

Овој дел од мисијата е особено важен затоа што Артемис II ги носи луѓето подалеку од ниската Земјина орбита, во средина каде зрачењето претставува еден од најголемите ризици за идните лунарни и марсовски мисии. Австралискиот нуклеарен институт ANSTO предупредува дека токму мерењата на радијацијата во оваа мисија може да станат едни од највредните податоци за идното човечко присуство надвор од Земјината природна заштита.

Паралелно со тоа, НАСА ја користи мисијата и за поширока проценка на здравствените ризици од летот. Агенцијата објаснува дека Артемис II е серија тестови на системи, процедури и перформанси во длабока вселена, а здравствените податоци од екипажот треба да помогнат во планирањето на идните подолги мисии. Истражувањата што НАСА веќе ги следи кај астронаутите вклучуваат и ризици како крвни згрутчувања, губење на мускулна и коскена маса, нарушувања на рамнотежата и тежок период на адаптација по враќањето на Земјата.

Токму затоа научниот дел од Артемис II има значење и надвор од самата мисија. Ако биочиповите успешно покажат како телото реагира во вселената, тие во иднина би можеле да помогнат во развој на персонализирани превентивни терапии за астронаути, но и во нови медицински истражувања на Земјата, вклучително и во третмани за рак и развој на лекови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни