По повеќе од половина век пауза во човечките мисии кон Месечината, НАСА се подготвува за историски чекор. Мисијата Artemis II, првата пилотирана мисија во рамки на новата програма за истражување на Месечината, би можела да биде лансирана веќе на 8 февруари 2026 година, носејќи четворица астронаути на десетдневно патување што ќе ги однесе подалеку од Земјата отколку што било кој човек стигнал досега.
Екипажот на Artemis II го сочинуваат командантот Рид Визман, пилотот Виктор Гловер и специјалистите за мисија Кристина Коч и Џереми Хансен – тројца астронаути на НАСА и еден претставник на Канадската вселенска агенција. Заедно, тие ќе летаат со новата ракета Space Launch System (SLS) и капсулата Orion, кои за првпат ќе носат луѓе во длабока вселена.

Иако мисијата не предвидува слетување на површината на Месечината, нејзината симболична и техничка тежина е огромна. Траекторијата на летот ќе го надмине рекордот поставен од Apollo 13 во 1970 година, кога астронаутите достигнаа оддалеченост од околу 400.000 километри од Земјата. Artemis II ќе ја помине таа граница, означувајќи нова крајна точка на човечкото присуство во вселената.
Мисијата е замислена како клучен тест за сите системи што ќе бидат користени во идните слетувања. За време на летот, екипажот ќе демонстрира сложени маневри, ќе спроведува технички и научни тестирања и ќе ги проверува перформансите на капсулата Orion во реални услови на длабока вселена. Токму овие искуства се сметаат за неопходни пред следниот голем чекор – Artemis III, мисија што има цел повторно да спушти луѓе на Месечината, овојпат во регионот на нејзиниот јужен пол.
Првата жена на месечината
Artemis II носи и силна симболика. Во екипажот се наоѓаат првата жена и првиот астронаут од боја што ќе патуваат околу Месечината, како и првиот Канадец на ваква мисија. Од НАСА истакнуваат дека оваа генерација астронаути ја отсликува промената во начинот на кој човештвото ја замислува иднината на вселенските истражувања – како заеднички, меѓународен и инклузивен потфат.
Подготовки и човечката страна на мисијата
Во изминатите недели, екипажот влезе во карантин во Хјустон, стандардна процедура пред лансирање со цел да се минимизираат здравствените ризици. Планирано е астронаутите да пристигнат во Kennedy Space Center неколку дена пред полетувањето, каде ќе се извршат финалните проверки и подготовки.
И покрај високото ниво на ризик и одговорност, членовите на екипажот јавно истакнуваат дека се подготвени. Командантот Визман изјави дека „нема ништо повеќе на листата на задачи“ и дека е подготвен да тргне, иако не крие дека мисијата носи и лична тежина – особено за семејствата на астронаутите.
Секој од членовите ќе понесе и лични предмети (писма од најблиските, семејни спомени или симболични предмети) како начин нивните семејства да бидат дел од патувањето. Овие детали, иако мали, потсетуваат дека зад големите технолошки чекори стојат луѓе, со сопствени стравови, надежи и одговорности.

Artemis II е само вториот лет на SLS и Orion, по беспилотната мисија Artemis I, која успешно ја обиколи Месечината пред неколку години. Целта на програмата Artemis е воспоставување одржливо човечко присуство на Месечината, како подготовка за идни мисии кон Марс.
Како што истакнуваат астронаутите, успехот на Artemis II нема да се мери само со безбедното враќање на Земјата, туку со тоа дали ќе го отвори патот за следните генерации да гледаат кон Месечината не како кон место „каде што сме биле“, туку како кон простор „каде што сме присутни“.
