Арктикот ги сруши сите рекорди, научниците предупредуваат – последиците ќе ги почувствува целиот свет, животните се најзагрозени

Арктикот ја забележа најтоплата година од почетокот на мерењата. Топењето на мразот и климатските промени носат сериозни глобални последици

Арктикот ја забележа најтоплата година од почетокот на мерењата, соопшти Американската национална управа за океани и атмосфера (NOAA) во својот годишен извештај, заснован на податоци што се собираат уште од 1900 година. Во периодот од октомври 2024 до септември 2025 година, просечната температура во арктичкиот регион била за 1,60 степени Целзиусови повисока од просекот за периодот 1991–2020.

Ова не е обична статистика. Климатските промени предизвикуваат верижни последици – од топење на морскиот мраз на половите, до повлекување на планинските и копнените глечери низ целиот свет. Меѓутоа, кога промените се случуваат на Арктикот, кој со децении се сметаше за своевиден климатски сеф на планетата, последиците стануваат глобално сериозни. Климатските модели покажуваат дека Арктикот би можел да го доживее првото лето речиси без морски мраз веќе до 2040 година, па дури и порано.

Политичарите не им веруваат на климатските промени

Предупредувањата на научниците не се нови, но често наидуваат на политичка глувост, особено во период кога климатскиот скептицизам се засилува во одредени земји. Да потсетиме, администрацијата на Доналд Трамп одлучи да ги повлече Соединетите Американски Држави од Парискиот климатски договор. Токму поради тоа, извештајот на NOAA претставува уште едно силно предупредување кое, како што стравуваат авторите, може да остане без соодветен одговор.

„Да се набљудува толку брзо затоплување во толку краток период е навистина алармантно“, изјави Том Балинџер, професор на Универзитетот во Алјаска и еден од авторите на извештајот, оценувајќи го трендот како „очигледно без преседан во современата историја, а можеби и во последните неколку илјади години“.

Топењето на мразот ја нарушува климата, океаните и опстанокот на животните

Годината опфатена со истражувањето била екстремна по повеќе основи: забележани се најтоплата есен, втората најтопла зима и третото најтопло лето на Арктикот од 1900 година наваму. Овој регион се затоплува значително побрзо од глобалниот просек, поради процес познат како арктичка амплификација.

Порастот на температурата ја зголемува количината на водена пареа во атмосферата, која делува како ќебе и ја задржува топлината. Истовремено, исчезнувањето на белиот, рефлектирачки морски мраз ја открива темната површина на океанот, која апсорбира повеќе сончева енергија. Сателитските мерења, кои траат веќе 47 години, покажуваат дека во март 2025 година е забележан најмалиот максимум на обемот на морскиот мраз досега регистриран.

Последиците врз арктичката фауна се директни и сериозни. Поларните мечки, фоките и моржевите го користат мразот како платформа за движење, лов и размножување. „Исчезнувањето на мразот претставува и практичен, логистички проблем за овие видови“, објаснува Вал Мајер, коавтор на студијата и истражувач во Националниот центар за податоци за снег и мраз (NSIDC). Фрагментацијата на живеалиштата ги прави животните поранливи, особено фоките, кои претходно се криеле од предатори како орките на стабилни ледени површини.

Топењето на глечерите го крева нивото на морето

Топењето на арктичкиот мраз има далекусежни последици и врз океанските струи. Слатката вода од растопениот мраз и зголемените врнежи ја разредува соленоста на Северниот Атлантик, што може да ја ослаби атлантската меридионална циркулација, вклучувајќи го и Голфската струја, која игра клучна улога во ублажувањето на европските зими.

Дополнително, топењето на гренландскиот мраз придонесува за глобалниот пораст на нивото на морето, додека ерозијата на крајбрежјата и екстремните временски настани веќе станаа реалност. Како што Арктикот ја губи способноста да задржува студен воздух, тој сè почесто продира кон пониските географски широчини, предизвикувајќи температурни екстреми.

Извештајот се осврнува и на засилувањето на хидролошкиот циклус. Периодот 2024–2025 бил меѓу највлажните од 1950 година наваму, со рекордни пролетни врнежи. Потоплите и повлажни услови го поттикнуваат феноменот на т.н. „бореализација“, односно зазеленување на арктичката тундра. Во 2025 година е забележано третото највисоко ниво на зеленило во последните 26 години сателитски мерења, при што петте највисоки вредности се регистрирани токму во последните шест години.

На крајот, научниците предупредуваат и на топењето на пермафростот, кое предизвикува хемиски промени во екосистемите. Феноменот на т.н. „’рѓосани реки“, предизвикан од ослободување на железо од почвата, е забележан на повеќе од 200 водотеци, со видливо влошување на квалитетот на водата и губење на водниот биодиверзитет.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни