Врз основа на достапните снимки и фотографии, Архивот на јавни собири на Србија на нивната мрежа на X, објави дека на протестот организиран од студентите, на Славија се собрале помеѓу 100.000 и 102.000 луѓе.
Снимките кои се користени за броење на учесниците се снимени помеѓу 16:45 и 17:00 часот. Од друга страна, Министерството за внатрешни работи претходно соопшти дека денес во Белград во периодот од 15:15 часот, до 16:40 часот, биле присутни помеѓу 28.000 и 29.000 граѓани.
Ова стои и во официјално соопштение, иако според податоците од Архивот на јавни собири, бројот на граѓани бил повеќе од три пати поголем од официјалната проценка.
„На денешниот протест на Славија демонстрантите зазеле површина од околу 45.000 квадратни метри, што значи дека бројот на присутни бил помеѓу 2 и 3 пати поголем од службената проценка на МВР. Архивот на јавни собири работи на попрецизна проценка, што во овој случај е особено обемен процес“ пишува на нивната мрежа на Х.
Протестот, кој траеше околу два часа, беше исполнет со постојано свирење свирчиња, извици против претседателот и транспаренти со силни пораки. Во 16:30 часот, со петнаесетминутно молчење, учесниците им оддадоа почит на 15-те жртви од трагедијата на Железничката станица во Нови Сад, која ги обедини луѓето во борба за одговорност и правда.
Претседателот Александар Вучиќ се огласи околу 19 часот со видео на Инстаграм, тврдејќи дека се наоѓа во зградата на Претседателството. Тој го нарече собирот „извонредно голем протест на опозициски настроени луѓе“ и изјави дека секогаш е подготвен да ги чуе нивните мислења.
Во својот настап, претседателот додаде дека денот му бил напорен, но и дека во канцеларијата украсил новогодишна елка, обидувајќи се со саркастична нота да ја намали тежината на настанот.
Денешниот протест не само што испрати порака до власта, туку ја покажа моќта на обединетите граѓани кои преку масовноста и решителноста јасно порачаа дека промените се неопходни. Белград, барем за еден ден, повторно стана симбол на отпорот и единството