Моќниот звук на еден од најзначајните бендови во македонската музичка историја, Архангел, предводени од Ристо Вртев, повторно ќе прозвучи во живо пред публиката на голем концерт што ќе се одржи на 13 јуни на Стадионот на АРМ во Скопје.
Овој концерт не е само настап, туку прослава на 44 години творештво на Ристо Вртев – четири децении во кои Архангел станаа синоним за уметничка доследност и нескршлив столб на македонската рок сцена.
Како централен двигател и автор, Вртев низ годините успеа да го преточи колективниот немир во чиста уметност, поставувајќи ги стандардите на домашниот рок израз.

Архангел во моментов интензивно работи на својот петти студиски албум, а македонската публика ќе има ретка привилегија премиерно да чуе дел од новиот материјал, додека првиот официјален сингл се очекува наскоро.
Концертот, симболично насловен „Срцевина“, е концептуално продолжение на длабоката поетика на Ристо Вртев.
Големото враќање на сцената и издавањето на новиот албум се реализираат во организација на издавачката куќа Adriatica Records, со седиште во Љубљана, чиј фокус е промоција и поддршка на квалитетен авторски звук во регионот. Билетите ќе бидат пуштени во продажба од понеделник, 2 март, онлајн на www.karti.com.mk/arhangel и преку нивната продажна мрежа низ цела Македонија.