Министерот за надворешни работи на Абас Арагчи изјави дека Иран нема причина да разговара со Соединетите Американски Држави, нагласувајќи дека Техеран ќе продолжи да се брани. Арагчи реагираше на коментарите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој претходно изјави дека Иран побарал договор, но дека тој одбил затоа што условите не биле доволно добри.
„Не гледам ниту една причина зошто би разговарале со Американците, затоа што разговаравме со нив во моментот кога тие одлучија да нè нападнат“, изјави Арагчи во интервју за CBS News.
Според него, ова е војна што ја избрале Трамп и САД.
„Ова е војна што ја избраа Трамп и САД, а ние ќе продолжиме да се браниме“, додаде тој.
Арагчи истакна дека Иран е отворен за разговори со држави кои сакаат да преговараат за обезбедување безбеден поморски сообраќај низ Ормускиот теснец.
Без да прецизира за кои држави станува збор, тој рече дека повеќе земји му се обратиле на Техеран со цел да се обезбеди сигурен премин на бродови низ Персискиот Залив.
Во врска со иранската нуклеарна програма, Арагчи изјави дека таа во моментов е „под урнатини“ и дека засега нема планови за нејзино обновување.
Тој потсети дека додека траеле иранско-американските преговори за нуклеарната програма, Иран понудил да го „разреди збогатениот материјал на понизок процент“.
„Тоа беше голем отстапок, но војната го промени сето тоа. Сега ништо не е на маса и сè ќе зависи од иднината“, рече Арагчи.