Apple го престигна Samsung и стана водечки производител на смартфони

Американската компанија за првпат по повеќе од една деценија го презеде врвот на глобалниот пазар, поттикната од силната побарувачка за iPhone 17.

Apple во 2025 година се искачи на првото место на светскиот пазар на паметни телефони, освојувајќи удел од 20 проценти, според извештај објавен од истражувачката куќа Counterpoint Research. Вкупните испораки на смартфони на глобално ниво пораснале за 2 проценти во однос на претходната година, што укажува на продолжување на закрепнувањето на индустријата.

Со тоа, компанијата од Купертино за првпат по повеќе од десет години го надмина својот долгогодишен ривал Samsung и стана најголем светски продавач на смартфони. Според аналитичарот Варун Мишра од Counterpoint, резултатот е поддржан од силната побарувачка во земјите во развој и на средно големите пазари, како и од успешната продажба на серијата iPhone 17.

Samsung ја заврши годината на второто место со удел од 19 проценти, со умерен раст на испораките во текот на 2025 година. Третата позиција ѝ припадна на Xiaomi со 13 проценти удел, потпирајќи се на стабилна побарувачка во ценовно чувствителните пазари, каде нејзините модели остануваат високо конкурентни.

Растот во 2025 година ја означи втората последователна година на опоравување за секторот, пред сè поради зголемената побарувачка на пазарите во развој и таканаречениот „циклус на надградба“, при што корисниците ги заменуваат уредите купени за време на пандемијата. Серијата iPhone 17, претставена во септември, во првите десет дена од продажбата била продадена за 14 проценти повеќе од својот претходник.

Во првите месеци од годината, производителите ги забрзале испораките за да ги намалат можните нарушувања поврзани со царини, но тој ефект постепено се намалил, оставајќи ја втората половина од годината релативно стабилна.

Сепак, перспективите за 2026 година се понеповолни. Од Counterpoint предупредуваат дека пазарот на смартфони би можел да забави поради недостиг на чипови и растечки трошоци за компоненти. Проекциите за следната година се ревидирани во пад од 2,1 процент, наместо претходно очекуваниот благ раст.

Главниот проблем е недостигот на мемориски чипови, бидејќи производителите на полупроводници сè повеќе го насочуваат капацитетот кон дата-центри за вештачка интелигенција, на сметка на производството за смартфони. Како последица, цените на уредите се очекува во просек да пораснат за 6,9 проценти, при што најевтините модели ќе бидат најмногу погодени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни