Апокалиптично невреме ја погоди Грција

Бурата Бајрон предизвика обилни врнежи и сериозни нарушувања низ поголемиот дел од Грција, а регионот Атика и уште девет области се под официјално предупредување за екстремни временски услови.

Поплави и свлечишта се пријавени на повеќе локации, додека состојбата се влошува од час во час.

На Закинтос, водата ги поплави патиштата и земјоделските површини. Прекинат е сообраќајот на рутата Закинтос – Аликес, а свлечишта се регистрирани во селото Литакија. Локалните власти ги повикуваат жителите да не патуваат доколку тоа не е неопходно.

Во Гитео, особено во селото Платанос, ситуацијата е алармантна по испратеното итно предупредување. Големи количества вода навлегле во домови, оштетиле ниви, уништиле автомобили и механизација, а според сведоштва – мртви животни има на повеќе места.

Многу жители сцените ги опишуваат како „библиска катастрофа“, посочувајќи дека целото населено место било под вода за само неколку часа, пренесува „Прототема“.

Жителите се засолнуваат на горните катови и покривите од своите домови за да избегнат од надојдените води. Според очевидци, приземјата на бројни куќи се поплавени до таванот, земјоделските парцели се сериозно оштетени, а поплавата однела возила и машини. Некои животни, велат тие, исчезнале во ноќните наноси од кал и остатоци.

Најранливите жители, претежно постари лица, чекаат евакуација со чамци. Голем број домаќинства останале без електрична енергија, вода и мобилна мрежа.

Наставата денеска е прекината во училиштата на Родос, Тира, Тилос, Сими и Кастелоризо. Националната метеоролошка служба EMY издаде специјално предупредување за обилни врнежи и бури во источните и јужните делови на земјата до сабота, со можност за град и многу силни ветрови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни