Трн: Кои се вашите препораки за зачувување и унапредување на наставата по овие предмети во рамките на новите образовни реформи?
Антоанела: Концепција која има за цел неопходни, сериозни и аргументирани реформи на едена од најопштите општествени институции како што е образованието (во случајот гимназиското), неопходно е да ги постави принципите на веќе историски познатите но особено на современите научни сознанија на фундаменталните науки (општествени, хуманистички, технички, природни). Ваквиот пристап подразбира балансирано знаење и стекнување на вештини што претставуваат и нивно продлабочување во различни аспекти на животот на човекот во светот во кој живее и во кој треба да делува. Така од општото знаење можеме да се посветиме на одделни професии но и други општествени улоги што би ги избрале како приоритет во своите животи но и во животот на заедницата. При тоа, општите цели на концепцијата треба соодветно и сеопфатно да бидат операционализирани во образовната пракса (наставни планови, наставни програми, наставни содржини и методи и друго). Концепцијата за гимназиско образование, за која многу се расправа во јавноста, не ја содржи аргументираната и принципиелна верзија во операционализација на поставените идеи! Особено е евидентно дека отсуствува рамноправната и осмислена распределба на знаењата, вештините и воспитувањето од сите неопходни подрачја на науката (фаворизација на природните науки и научните дисциплини што го заземаат местото на етаблираните науки).
Трн: Како гледате на влијанието на предложената Концепција врз општествените науки во гимназиското образование?
Антоанела: Токму за овој аспект на Концепцијата се приложени сериозни и консеквентни критики (општествените и хуманистичките науки се третираат како помалку битни и „атрактивни“ од другите науки). Овој непринципиелен и сосема погрешен приод кон овие науки (социологија, филозофија, логика, етика, историјата на културата, јазикот, уметностите) би ги редуцирале знаењата на младите за: светот во кој живеат во неговата потполност; ефектите на односите меѓу луѓето; важноста и сложеноста на односите помеѓу општествените групи; богатството на разновидните култури и сензибилитетот на интеркултурната комуникација; заедништвото на човекот, природата и културата; принципите на критичност и креативност во поглед на промените во светот; односот помеѓу слободата и одговорноста (правата на човекот и нивната реализација во општеството локално и глобално); утврдување на последиците од иновациите (технологија, екологија, медиумска култура, принципи на однесување што развиваат емпатија и соработка); препознавање на класната, религиската, расната, етничката, родовата маргинализација и дискриминација; нехуманоста на логиката на неолиберализмот и неоимперијализмот во современото општество; „заробувањето“ на слободната, креативна и фантазмагорична дејност на поединци и групи; насилство врз идентитетот на младите и нивната способност да се интегрираат рамноправно во општеството.
Трн: Дали сметате дека предложените реформи ќе доведат до намалување на интересот за општествените науки меѓу младите?
Антоанела: Веројатноста за намалување на интересот за младите за општествените науки е голема ако општествените науки останат толку неадекватно застапени во Концепцијата. Во одговорот на претходното прашање, сметам, се наведени сите штетни консеквенции од ваквите паушални решенија. Многу теоретичари и од општествените, хуманистишките науки, како и оние од природните и техничките науки, размислуваат за тоа колку, токму денес, во ерата на забрзан развој на технологијата, станува неопходна нивната соработка, заради тоа што сите иновации имаат последици на човештвото воопшто.
Трн: Од кого зависат овие промени? Кои се клучните актери и институции вклучени во процесот на донесување одлуки за образовните реформи?
Антоанела: Евидентно е дека сите институции на системот треба да бидат инволвирани за промените, иако оние што се врзани за образованието се најповикани за осовременувањето и динамиката на образовниот процес. За жал, Концепцијата која сега подложи на расправа покажува дека идеологијата и индоктринацијата, како и несоодветното разбирање на глобалните (и националните) интереси се повеќе важни од длабинската и стручна анализа. Тоа е јасно и од многуте негативни реакции на гимназиските наставници, универзитетски професори, стручни здруженија, граѓаните во однос на редуцирањето на предметите од областа на општествените науки.
Трн: Дали сметате дека општествените науки имаат потенцијал да го спасат светот? Како нивното изучување може да придонесе за решавање на глобалните предизвици со кои се соочуваме денес?
Антоанела: Општествените и хуманистичките науки имаат реални потенцијали да го променат/хуманизираат светот. Ваквите можности, сепак се евидентно ограничени од автократското и тоталитаристичко влијание на општествените олигархии, кај нас и во светот воопшто!