Англија забранува кафези за кокошки и боксови за свињи

Англија ќе забрани одгледување кокошки во кафези и користење боксови за свињи, соопшти британската влада при претставувањето на нов, сеопфатен пакет закони за благосостојба на животните.

Покрај кафезите за несилки, ќе бидат забранети и боксовите за прасење кај свињите, кои здруженијата за заштита на животните одамна ги оценуваат како сурови, објави The Guardian.

Иако класичните батериски кафези беа забранети уште во 2012 година, таа мерка доведе до широка употреба на т.н. „колонијални“ или „обогатени“ кафези. Во нив се држат до 90 кокошки, со пристап до пречки за седење, подлоги за гребење и гнезда, но секоја птица има простор едвај поголем од лист хартија А4. Во такви услови, кокошките го поминуваат целиот свој живот, сè до колењето.

Во моментов, околу 21 отсто од кокошките во Велика Британија се чуваат во вакви обогатени или колонијални кафези, што им го оневозможува задоволувањето на природните потреби како капење во прашина, гребење и клукање по земја и слободно движење.

Министерката за животна средина Ема Рејнолдс денеска најави дека нејзиното министерство следната година ќе спроведе јавно советување за постепено укинување и на овие кафези и премин кон системи на слободен одглед. Покрај кафезите за кокошки, ќе се забранат и боксовите за прасење – тесни метални конструкции што се користат за да се спречи маторицата случајно да ги згмечи прасињата, но во кои животните не можат ниту да се свртат ниту слободно да се движат.

Ентони Филд, раководител на кампањи во организацијата Compassion in World Farming UK, го оцени овој потег како „историски чекор напред во заштитата на одгледуваните животни низ Британија“. Според него, од новите мерки годишно корист ќе имаат повеќе од седум милиони кокошки и околу 150.000 свињи.

Новите закони опфаќаат и други значајни промени. Се укинува масовниот комерцијален одглед на кучиња, познат како „фабрики за кутриња“, каде животните често се држат во нехигиенски и тесни услови без соодветна ветеринарна грижа. Министерството за животна средина, храна и рурални прашања ќе се консултира и за можна забрана на електрични огрлици за кучиња.

Стратегијата, како што објави The Guardian, предвидува и забрана за лов на зајаци за време на сезоната на размножување, како и укинување на лов по мирисна трага. Владата ќе разгледа и забрана на замки со јамки, кои предизвикуваат големо страдање кај животните и често фаќаат и домашни миленици.

„Ние сме нација што ги сака животните. Оваа влада ја спроведува најамбициозната стратегија за благосостојба на животните во една генерација. Таа ќе ги подигне стандардите за животните во домот, на фармите и во дивината“, порача министерката Рејнолдс.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни