Ангел Ангеловски, кој известуваше од фестивалот „Мери Џејн“ од Берлин за Трн.мк, во интервју за утринската програма на Слободен печат која се реализира во соработка со нас, зборуваше за неговото искуство од фестивалот, но и за начинот на кој се спроведува легализацијата на канабисот во Германија.
„Имаше полицајци на фестивалот Мери Џејн во Берлин, обезбедување на влез и излез. Самиот организатор на фестивалот ги охрабруваше посетителите да си ги донесат своите бонгови од дома, се пушеше насекаде во таа затворена зона. Консумацијата на канабис во јавни простори во државите каде што е легализирано не е дозволена, нема да те уапсат само ќе те прекорат. Обично тоа се прави во приватни простори, во домот или некаде со друштво каде што си надвор од поглед на другите“ рече Ангеловски.
Тој додаде дека кај нас консументите на канабис полицијата ги приверува, ги тера да платат казна по што ги пуштаат.
„Се што е над 5 грама е посериозен прекршок. Во Германија е дозволено до 30 грама за лична употреба за возрасни лица од 18-21 година. За лица над 21 година е дозволено до 50 грама. За лицата од 18-21 треба да набавуваат производи до 10% ТХЦ. Во прилогот на Трн.мк има детално објаснување“, рече Ангеловски.
Според него во следниот период ќе следи легализација и декриминализација на канабисот насекаде во западниот свет, а сегашниот период го спореди со прохибицијата на алкохолот во САД на почетокот на 20 век.
Ние сме сега во некој период, во 1930 години, во Америка прохибицијата за алкохол, кога шверцувале во тегли виски од Ирска, од Англија или правеле дестилати од компири, буквално во тоа време конзумирале ѓубре. Сега и ние се наоѓаме во една таква пресвртница, Германија легализираше, сега прочитав дека и Бразил легализирал. Мексико, Канада, Америка, Германија, Португалија, Шпанија, сегде има некаква форма на легализација. Мислам дека за 10 години во западниот свет повеќе нема да биде тема легализацијата туку дека сето тоа секаде ќе биде регулирани и легализирано и дека повеќе нема да се чувствуваме како криминалци“, вели Ангеловски.
Според него, придобивките од легализацијата на канабисот за државата се многубројни и не само туристички.
„Добиваме многу затоа што едноставно државата ќе добие многу поголем број на туристи, голем број на индустрии ќе бенефицираат од легализацијата, како што се прехранбената индустрија, прехранбената индустрија, спортот. Ќе има многу гранки што ќе имаат бенефит“, заклучи Ангеловски.