Аналитичар: Падот на режимот во Иран нема да личи на револуцијата од 1979 година

Аналитичарот Вали Наср предупредува дека евентуалниот пад на иранскиот режим нема да биде повторување на револуцијата од 1979 година, поради поинаквата структура на власта и недостигот од организирана опозиција.

Додека низ Иран се шират масовни протести и расте неизвесноста околу иднината на Исламската Република, еден од водечките експерти за Блискиот Исток предупредува дека историјата нема да се повтори на ист начин.

Вали Наср, професор на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, изјави дека евентуалниот пад на врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи, нема да биде реплика на соборувањето на династијата Пахлави во 1979 година, пренесува CNN.

„Голема грешка што ја прават многу Иранци е постојаното споредување на можниот крај на Исламската Република со 1979 година“, истакна Наср.

Два различни Ирани, два различни системи

Според него, Иран од 1979 година и денешен Иран се суштински различни држави со различни политички и општествени структури, поради што споредбите меѓу двата периода се погрешни.

За разлика од тогашната монархија, во која власта била концентрирана во рацете на еден човек, денешната Исламска Република функционира преку повеќе центри на моќ.

„Хамнеи ја има последната одлука, но постојат различни политички фракции и структури. Тој владее преку консензус – сите фракции мора да поминат преку него“, објаснува Наср.

Режим подготвен да се брани

Наср потсетува дека во периодот од 1977 до 1979 година биле потребни речиси две години континуирани протести за режимот на шахот да се распадне.

„Шахот не беше подготвен да се брани, не носеше одлучни одлуки. До февруари 1979 година веќе немаше враќање назад“, вели тој.

За разлика од тоа, актуелниот режим во Иран, според Наср, не покажал знаци дека не е подготвен да се брани.

Недостиг од организирана опозиција

Како уште една клучна разлика, аналитичарот го истакнува фактот дека денес во Иран не постои силна и дисциплинирана опозиција, каква што постоела за време на револуцијата во 1979 година.

„Тогаш опозицијата беше организирана и координирана. Денес таква структура не постои“, заклучува Наср.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни