Амстердам го забрани користењето на генеративна вештачка интелигенција, како што се ChatGPT, DeepSeek, Gemini и Midjourney, за градските службеници, пренесува ТАЊУГ. Оваа одлука беше донесена поради загриженоста дека овие технологии на вештачка интелигенција може да обезбедат неточни информации, да предизвикаат протекување на податоци, да промовираат говор на омраза и да шират пропаганда.
Во внатрешната порака која беше упатена до вработените, се наведува дека „како вработен, можете да користите само алатки за вештачка интелигенција кои се во согласност со законите и прописите и политиките на Амстердам”, јави градската телевизија AT5.
Градските власти на Амстердам исто така изјавија дека „се продолжува со следењето на развојот на овие технологии и редовно се проценува дали AI алатките се во согласност со правилата”, пренесува NL Times.
Амстердам работи на експериментот наречен „Chat Amsterdam”, со цел да се провери дали вештачката интелигенција може да се користи „на безбеден и одговорен начин во општината”.
Ова не е прв пат градските власти на Амстердам да им забранат на своите официјални лица користење на одредени апликации. Пред две години, општината го забрани користењето на кинеската апликација TikTok на службените телефони на своите вработени, а минатата година следеше забрана за рускиот Telegram.