Сообраќајот на патиштата во Србија се одвива во зимски услови, а и понатаму е на сила предупредување за појава на леден дожд, соопшти утрово Авто-мото сојузот на Србија (АМСС).
Од АМСС предупредуваат дека во текот на ноќните и раните утрински часови, кога температурите се најниски, дејството на фрлената сол може да биде значително ослабено, што дополнително ја зголемува опасноста од лизгање и неконтролирано движење на возилата.
Снег на коловозите има на одредени делници во западните и југозападните делови на Србија, особено на патиштата што водат кон повисоките предели околу Ваљево, Лозница, Ужице, Нова Варош, Пријепоље, Сјеница и Ивањица.
Слични услови за возење се очекуваат и во Тимочка и Неготинска Краина, каде што возачите треба да бидат особено внимателни на планинските превои и магистралните патишта од Параќин кон Зајечар и Књажевац, како и од Неготин кон Кладово и Мајданпек.
Според информациите на АМСС, во моментов нема задржувања на наплатните рампи и на граничните премини за товарни возила. Сепак, задржувања има за патничките возила, особено на граничниот премин Батровци, каде што на излез од земјата се чека околу два часа.
АМСС апелира до возачите да ја приспособат брзината на движење, да одржуваат поголемо растојание меѓу возилата и да користат задолжителна зимска опрема.
