Американските сили нападнале и уништиле ирански бродови кои поставувале поморски мини во Ормускиот теснец, една од најважните енергетски точки во светот низ која се транспортира околу една петтина од глобалната сурова нафта.
Според телевизијата Си-Ен-Ен, повикувајќи се на два извора запознаени со извештаи на американските разузнавачки служби, Иран веќе започнал да поставува мини во теснецот.
Изворите наведуваат дека поставувањето засега не е во голем обем, бидејќи во последните денови биле поставени неколку десетици мини. Сепак, тие истакнуваат дека Иран сè уште располага со околу 80 до 90 проценти од своите мали бродови за поставување мини, што значи дека релативно брзо би можел да постави стотици мини во морето.
Иранскиот корпус на Исламската револуционерна гарда, кој во моментов целосно го контролира теснецот, има капацитет да распореди голем број бродови за поставување мини, наведува Си-Ен-Ен.
По овие информации реагираше и американскиот претседател Доналд Трамп, кој на социјалната мрежа Трут Соушал објави дека американската војска нападнала десет ирански чамци кои се обидувале да постават поморски мини.
„Драго ми е што можам да известам дека во последните неколку часа погодивме и уништивме 10 бродови за поставување мини, а ќе ги има уште“, напиша Трамп.
Тој додаде дека американската војска користи иста технологија и ракетни капацитети какви што се применуваат во операции против трговци со дрога, со цел да се елиминира секој брод или чамец што ќе се обиде да го минира Ормускиот теснец.
„Со нив ќе се постапува брзо и силно“, порача Трамп.