Американски обвинител: „Roblox“ станал прибежиште на предатори кои злоупотребуваат деца

Републиканскиот државен обвинител на Флорида, Џејмс Јутмајер, најави дека неговата канцеларија ќе издаде кривични судски покани до компанијата Roblox Corp, обвинувајќи ја дека не успева да ги заштити најмладите корисници од сексуални предатори.

Според Јутмајер, популарната онлајн-платформа, која им овозможува на корисниците сами да креираат и играат игри, се претворила во „легло на злоупотребувачи“ кои ја загрозуваат безбедноста на децата.

Во видео објавено на платформата X (поранешен Twitter), обвинителот изјави дека „Roblox профитира на сметка на децата, а истовремено не ги штити од злоупотреба“. Судските покани ќе му овозможат на обвинителството да прибере докази за можни криминални активности на платформата, како и податоци за осомничени предатори и нивните жртви. Засега, не е поднесено официјално обвинение, но случајот ја зголемува јавната загриженост за безбедноста на младите корисници.

Одговорот на Roblox

Компанијата реагираше преку соопштение до Reuters, во кое нагласи дека строго забранува споделување фотографии и видеа преку разговорите, користи филтри за спречување размена на лични податоци, како и систем за процена на возраста за сите што користат чат-опции.

„Иако ниту еден систем не е совршен, нашите обучени тимови и автоматизирани алатки постојано ја следат комуникацијата со цел да го откријат и отстранат штетниот материјал“, изјави портпарол на компанијата.

Во октомври минатата година, истражувањето на Hindenburg Research ја зголеми загриженоста околу детската безбедност на платформата, по што Roblox ги засили мерките за модерација и го ограничи праќањето пораки за децата под 13 години.

Roblox забранет во Ирак

Во меѓувреме, Ирак ја забрани платформата Roblox, наведувајќи дека овозможува директна комуникација меѓу корисниците и ги изложува децата и тинејџерите на експлоатација и сајбер-уцени. Властите објаснија дека содржината на платформата е „несоодветна за општествените вредности и традицијата на земјата“.

Платформа со две лица – креативност и ризик

Roblox е онлајн-платформа и социјална мрежа што им овозможува на корисниците да креираат и играат милиони игри создадени од други играчи, користејќи го алатот Roblox Studio и програмскиот јазик Lua. Таа е особено популарна кај децата и тинејџерите, нудејќи им можност за креативност и учење основи на програмирање.

Сепак, со растечката популарност доаѓаат и ризици – изложеност на непримерен материјал, сомнителни контакти и интернет-измами поврзани со купување на содржини во играта. Иако постојат филтри за разговор, родителски контроли и ограничувања, експертите предупредуваат дека без активен надзор на родителите, ниту еден безбедносен систем не е доволен.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни