Американската војска уништила 17 ирански пловила, меѓу кои и подморница, во рамки на воената кампања против Иран, соопшти во видеопорака адмиралот Brad Cooper, командант на американските сили на Блискиот Исток.
„Едноставно кажано, се фокусираме на сè што може да пука кон нас“, изјави Купер во пораката објавена на социјалната мрежа Икс, опишувајќи ги нападите како „несомнено хируршки прецизни удари“ изведени со бомбардери Б-2 и Б-1.
Тој додаде дека е на удар и иранската морнарица. „Ја потопуваме иранската воена морнарица – целата морнарица. Досега уништивме 17 ирански бродови, вклучувајќи ја и најоперативната иранска подморница, која сега има дупка на трупот“, рече адмиралот.
Според него, „иранскиот режим со децении го попречува меѓународниот поморски сообраќај“, а во моментов во Арапскиот Залив, Ормускиот Теснец и Оманскиот Залив „нема ниту еден ирански брод“. „И нема да запреме“, порача Купер.
Погодени речиси 2000 цели
Изјавите на адмиралот доаѓаат четири дена по почетокот на американската воена операција против Иран, наречена Operation Epic Fury. Според претставници на Министерството за одбрана, уништувањето на иранската морнарица е една од примарните цели на операцијата.
Купер наведе дека во мисијата учествуваат повеќе од 50.000 американски војници и над 200 борбени авиони, а нападите се изведуваат без прекин.
„За помалку од 100 часа од почетокот на операцијата погодивме речиси 2000 цели со повеќе од 2000 парчиња муниција“, изјави тој.
Како одговор на американските и израелските бомбардирања, Иран лансирал повеќе од 500 балистички ракети и над 2000 дронови, посочи адмиралот, додавајќи дека, и покрај тоа, „способноста на Техеран да нè погоди се намалува“.