Американска авиокомпанија ќе бара патниците со поголема телесна тежина да купат две карти однапред

Американската нискобуџетна авиокомпанија Southwest Airlines од 27 јануари 2026 година ќе воведе ново правило со кое патниците кои не можат да се сместат во просторот меѓу потпирачите за раце на своето седиште ќе мора однапред да купат дополнително седиште. Ова е дел од серијата промени кои авиопревозникот ги спроведува, јавува Associated Press.

Досега патниците со покрупна телесна градба можеа или однапред да платат за дополнително седиште – со можност за подоцнежен поврат на средствата – или да побараат бесплатно дополнително седиште директно на аеродромот пред летот. Според новата политика, повратот на парите и понатаму ќе биде можен, но нема да биде загарантиран.

Повеќе промени во политиките на Southwest

Од компанијата наведуваат дека промената е дел од подготовките за воведување систем за однапред доделување седишта – новина за Southwest, кој досега важеше за превозник кај кого патниците самостојно ги избираат седиштата при влегување во авионот.

Во мај годинава Southwest ја укина и политиката за бесплатен превоз на багаж, што беше една од главните предности на овој нискобуџетен превозник во споредба со конкурентите.

Реакции на патниците

Патничкиот агент Џејсон Воун од Орландо, кој на социјалните мрежи објавува совети за патување за лица со поголема телесна тежина, вели дека новата мерка ќе го влоши искуството на сите патници.

„Сегашната политика создаваше подобри услови и за патниците со поголема телесна тежина и за останатите патници во авионот. Верувам дека оваа промена ќе го направи летањето понепријатно за сите,“ изјави Воун.

Southwest, кој се соочува со притисок од инвеститорите да ја зголеми добивката, минатата година најави и дополнителна наплата за седишта со поголем простор, како и воведување ноќни летови.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни