Американскиот технолошки гигант Amazon отпушти околу 16.000 вработени, со што го заокружи планот објавен во октомври 2025 година, кој предвидуваше вкупно 30.000 откази. Од компанијата како главни причини ги наведуваат „намалување на хиерархиските слоеви, зголемување на индивидуалната одговорност и елиминација на бирократијата“.
Ова претставува најголем бран на отпуштања во Amazon во последните три децении. Паралелно со тоа, компанијата ги затвори и преостанатите физички продавници Amazon Fresh и Amazon Go, како и својот биометриски систем за плаќање Amazon One, кој функционираше преку скенирање на дланката на корисниците.
Отпуштањата зафатија и повеќе клучни сегменти на компанијата, меѓу кои делови од Amazon Web Services (AWS), одделите за Alexa, Prime Video, уредите, дигиталното рекламирање и логистиката и доставата.
Од Amazon не ја исклучуваат можноста за нови, дополнителни кратења, иако најавуваат дека тие нема да бидат од овој обем. Во претходните рунди, компанијата отворено призна дека дел од отпуштањата се поврзани со воведувањето на вештачка интелигенција, како и со загриженоста за промената на корпоративната култура.
Воедно, раководството призна дека за време на пандемијата со КОВИД-19 било направено прекумерно вработување, што сега се коригира.
Amazon интензивно инвестира во роботика во своите магацини, со цел да го забрза пакувањето и испораката, да ја намали зависноста од човечки труд и значително да ги скрати трошоците. Дополнително, се посочува дека сè поголемата употреба на AI агенти во интерните процеси имала директно влијание врз овој бран откази.
Овие чекори се уште еден показател дека технолошките компании влегуваат во нова фаза, каде автоматизацијата и вештачката интелигенција стануваат клучен фактор, но и сериозен предизвик за пазарот на труд.
