Волшепството на саксофонот на Александра Илиева: од YouTube до светската сцена

Александра Илиева ја споделува својата инспиративна музичка приказна, која преку YouTube ја однела до меѓународната публика и соработки со музичари од целиот свет.

Во новата епизода на РеТрн, гостинка е саксофонистката Александра Илиева, која го маѓепса водителот Дениз со својата приказна за музиката и упорноста. Нејзината соло кариера започнала во 2016 година, кога на YouTube го објавила својот прв инструментален кавер на популарна песна. Видеото веднаш привлекло внимание, а охрабрена од бројните прегледи, таа продолжила со нови музички преработки кои ѝ донеле публика од различни делови на светот.

Токму овој успех ѝ отворил врати за соработка со истакнати музичари и инструменталисти од Канада, Мексико и САД, како и за настапи на филмски и музички концерти, настани и фестивали. Исто така, таа имала и солистички изведби со различни филхармонии, што дополнително ја афирмирало на меѓународната сцена.

Посебен пресврт се случил за време на пандемијата, кога Илиева почувствувала дека има доволно простор и време за вистинска креација. Во тој период, нејзината работа била забележана од Thomann Music, најголемата европска продавница за музички инструменти, која преку своите дигитални платформи поддржува креатори од целиот свет.

Во разговорот, Илиева истакна дека нејзиниот долгогодишен близок пријател и соработник Ѓорги Вацев има значајна улога во градењето на нејзината YouTube-кариера. Заедно создавале музика и видеа што надминувале стандардните рамки за инструментални кавери, а многу од спотовите биле снимани во природа и на локации кои ја истакнуваат убавината на Македонија.

Александра откри и неколку интересни аспекти од својата лична и професионална перспектива:

  • Берлин или Струмица?
  • Доколку не би била музичар, што би била твоја професија?
  • Доколку не би свирела саксофон, кој друг инструмент би го избрала?
  • Каде е потешко да создадеш кариера како музичар како што ја имаш ти – во Македонија или во Берлин?

Оваа комбинација на музика, визуелна естетика и македонски пејзажи ѝ донела огромен успех со над 100 милиони прегледи на видеата и бројни соработки со музички брендови. Сепак, во последните години, поради бројните обврски и балансирањето меѓу студии, снимања, видеа, настапи и патувања, времето за реализација на сопствени проекти често се одложувало.

Александра Илиева во РеТрн покажа дека зад сценскиот сјај стојат години посветеност, работа и љубов кон музиката. Нејзината приказна е доказ дека талентот, кога е поддржан со упорност и визија, може да допре до публика насекаде низ светот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни