Александер Пејн ќе претседава со жирито на Венецискиот филмски фестивал

Американскиот режисер Александер Пејн ќе претседава со главното натпреварувачко жири на овогодинешниот Венециски филмски фестивал, објавија организаторите.

Филмовите на Пејн, меѓу кои се и комедиите „The Holdovers“, „Sideways“ и „The Descendants“, се номинирани за вкупно 24 награди „Оскар“, вклучувајќи четири за најдобар филм и три за најдобар режисер.

Тој двапати ја освои наградата за најдобро адаптирано сценарио.

„Голема чест и радост е да се биде член на жирито во Венеција. Иако ја делам амбивалентноста на филмските работници кон споредувањето филмови, длабоко ја почитувам речиси вековната традиција на Венецискиот филмски фестивал, фестивал кој гласно го слави филмот како уметничка форма“, изјави Пејн за новинарите.

Венецискиот филмски фестивал ќе се одржи на островот Лидо од 27 август до 6 септември. Имињата на филмовите во конкуренција ќе бидат објавени во јули.

Комедијата на Пејн од 2017 година „Downsizing“ го отвори фестивалот истата година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни