(Видео) Алекс од Hooverphonic: „Музиката е моја терапија, турнејата – моја инспирација“

Шест години по последниот настап во Скопје, белгиската музичка икона Hooverphonic повторно ја маѓепса публиката со концерт за паметење. Меланхолија, елеганција, оркестрална драма и магија – тоа беше вечер исполнета со емоции, а Трн.мк доби ексклузивна шанса да разговара со креативниот ум зад бендот, Алекс Калиер.

ТРН: Работиш на нов албум – во кој правец оди Hooverphonic сега? Повторна промена или продлабочување на постојниот звук?

Алекс Калиер: Да бидам искрен, никогаш не престанувам да работам. Дури и денес, овде во оваа зграда, имам посебна просторија каде што работам на песни. Веќе сум на 11-тата трака од новиот албум. Повторно се навраќаме кон електронскиот звук, со малку повеќе трип-хоп атмосфера – нешто побавно, помеланхолично, со оркестарски аранжмани. Сакав да се вратам таму. Тоа е како музичка утеха за нашите најлојални фанови.

ТРН: ’Hidden Stories’ звучеше како враќање на кинематографските емоции по кои ве паметиме. Работиш ли сега нешто ново и какво е расположението?

Алекс: Секогаш работам. Најмногу инспирација добивам кога сум на пат. Среќаваш луѓе, гледаш нови места. Понекогаш седиш во автобус кој се тресе по нерамна пат – и напишеш песна за ’нестабилна’ врска, метафорично кажано. Турнејата е како да си во балон: те носат од точка А до Б, настапуваш, се сретнуваш со фанови, и пак патуваш. Сè исчезнува – освен музиката. Тоа ми е најголем фокус.

ТРН: Размислуваш ли за некоја неочекувана соработка – можеби хип-хоп продуцент или балкански брас-бенд?

Алекс: Веќе работиме со еден француски хип-хоп артист, но морам да кажам – идејата за балкански брас звучи одлично! Отсекогаш сум сакал да соработувам со различни луѓе – тоа ми носи нова енергија. Иако многу од нашите најголеми хитови сум ги напишал сам, кога создаваш музика 30 години, почнуваш да функционираш по некој шаблон. Затоа се важни новите влијанија. Ако имате предлог за интересни македонски артисти – отворен сум!

ТРН: Дали вештачката интелигенција има некаква улога во твојот креативен процес

Алекс: Да, веќе ја користам. Понекогаш го користам ChatGPT за почетни идеи за текст – како искра. Потоа ја развивам идејата понатаму. Не се плашам од AI – сметам дека уметникот треба да биде прогресивен. Сакавме дури и имерзивна турнеја во Белгија, но беше прескапа. За сега сме фокусирани на 25-годишнината од албумот The Magnificent Tree. Ќе свириме и со оркестар, и електрично, и акустично – сакаме постојано да се движиме.

ТРН: Колку членови брои вашата турнеја?

Алекс: Одиме со 10 музичари, плус 4 членови на екипата и 2 возачи – вкупно 16 луѓе. Денешните бендови често инвестираат во визуелни ефекти и намалуваат на луѓе, но ние сакаме луѓе – тие носат емоција. Тоа не може да го замени ниеден екран.

ТРН: Што ти е поважна инвестиција – луѓето или музиката?

Алекс: Музиката ми носи пари, но никогаш не сум ја правел за пари. Таа е мојата терапија. За време на ковидот престанав да пишувам и станав малку депресивен. Отидов на психолог, и тој ми рече – „Можеби треба да продолжиш да пишуваш.“ И беше во право. Од десет години пишувам музика – тоа е едноставно мојата потреба.

ТРН: По 30 години кариера – како остануваш инспириран?

Алекс: Комбинирам – од една страна го усовршуваме звукот на Hooverphonic, а од друга бараме нови перспективи. Затоа и го правиме албумот со соработки – за да внесеме нова енергија. Сакам музика која е веднаш препознатлива како наша, но секогаш со некое неочекувано изненадување. Повторно користам и семплови – тоа е како соработка со некој што не го познаваш.

ТРН: Ако можеш да „замрзнеш“ еден момент од кариерата – кој би бил тој?

Алекс: Многу тешко прашање… Има толку многу посебни моменти. Но, вистината е – не сакам ништо да замрзнувам. Сакам да се движам. Кога имав 25, сакав да бидам светски славен како Крис Мартин. Сега имам 52 и среќен сум што не сум. Концертот во Скопје е распродаден, турнејата оди одлично, но можам да излезам на улица и никој да не ме запре. И тоа е идеалната рамнотежа – да создаваш, да патуваш, да настапуваш… и сè уште да живееш нормално.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни