Албин Курти доби мандат за составување на Влада

Указот со кој му се дава мандатот за формирање на новата косовска влада го потпиша косовската претседателка Вјоса Османи, соопшти нејзиниот кабинет

По осум месеци од парламентарните избори, Собранието на Косово вчера конечно успеа да се конституира.

По вчерашното конституирање косовскиот премиер Албин Курти, кој сè уште е во технички мандат, денес доби мандат да формира нова влада.

Указот со кој му се дава мандатот за формирање на новата косовска влада го потпиша косовската претседателка Вјоса Османи, соопшти нејзиниот кабинет.

Оваа одлука е донесена, изјавија тие, по официјален предлог од партијата на Курти (Движење Самоопределување), која освои најголем број места во Собранието врз основа на резултатите од изборите одржани на 9 февруари оваа година.

„Според Уставот, носителот на мандатот за формирање Влада, г-дин Курти, е должен да го достави составот и програмата на Владата до Собранието на Република Косово за усвојување најдоцна 15 дена од денот на издавањето на указот“, наведува косовското претседателство.

Албин Курти го доби мандатот денес, еден ден откако косовското собрание избра српски потпретседател и со тоа отстрани клучна пречка во процесот на конституирање на таа институција.

Во исто време, неговиот мандат за составување Влада се доделува ден пред локалните избори во Косово, кои се одржуваат утре.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни