Албанија протестира поради забраната на TikTok

Слоганот на протестот во Тирана беше „Одбрана на слободата на говор“, а на транспарентите пишуваше „Го испративте и TikTok во емиграција“.

Млади луѓе во Тирана протестираат поради одлуката на владата за едногодишна забрана на TikTok во Албанија. Владата тврди дека сака да ги заштити младите, додека опозицијата вели дека станува збор за обид за цензура пред претстојните избори.

Слоганот на протестот во Тирана беше „Одбрана на слободата на говор“, а на транспарентите пишуваше „Го испративте и TikTok во емиграција“.


На протестот повика албанската опозиција, откако левичарската влада на премиерот Еди Рама одлучи да забрани работа и користење на оваа апликација за дистрибуција на кратки видеа – со образложение дека TikTok поттикнува насилство меѓу младите во училиштата. Повод за воведувањето на забраната беше смртта на еден 14-годишник. Него го уби друг ученик во Тирана со нож во ноември минатата година, по повеќедневна кавга која ескалирала на социјалната мрежа.

Еден месец подоцна, владата одлучи да ја забрани апликацијата TikTok.

Во јануари се сретнаа албанскиот премиер Еди Рама и Кристине Гран, раководител на TikTok за односи со европските влади. Рама го оцени тој состанок како „целосно отворен и конструктивен“, и додаде дека тие двајца договориле понатамошни чекори за соработка во следните недели и месеци.

Ниту албанската влада, ниту TikTok не дадоа никакви коментари по тој состанок, што во Албанија беше протолкувано како показател дека Владата можеби малку попушта во однос на својот став за можна забрана на апликацијата.

Кога владата на 7 март годинава најави дека има намера да ја спроведе забраната на TikTok, опозициските партии ја обвинија властата дека мотивот за забраната на TikTok е поврзан со одржувањето на парламентарните избори во мај.

Лидерот на Демократската партија, Сали Бериша, ја нарече таа најавена владина мерка е „цензура“ пред парламентарните избори кои ќе се одржат на 11 мај. На нив премиерот Рама се надева да го освои четврти премиерски мандат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни